Колку долго луѓето можат да издржат без сон?

Лишувањето од сон го зголемува ризикот од низа здравствени проблеми, вклучувајќи дијабетес, срцеви заболувања, дебелина и депресија, предупредуваат американските Центри за контрола и превенција на болести. Затоа, на човек му треба шест до осум часа сон секоја ноќ. Сепак, не е невообичаено луѓето, особено студентите, да останат будни цела ноќ, т.е. 24 часа.

Но, колку долго луѓето можат да издржат без сон? Во 1963 година, 17-годишниот Ренди Гарднер од САД не спиел 11 дена и 25 минути. Тој останал буден за проект на научен саем во Калифорнија, поставувајќи светски рекорд. Но, Гинисовата книга на рекорди веќе не ги следи тие „подвизи“ – престанале да прифаќаат пријави во 1997., поради, како што објасниле, „значајните опасности поврзани со недостатокот од сон“, пренесува „Лајвсајенс“ (Livescience).

Што се случува со луѓето кои страдаат од хроничен недостаток од сон? Спиењето е неопходно за физичката, менталната, како и емоционалната стабилност на телото. Според д-р Орен Коен, лекар за медицина на спиењето во болница „Маунт Синај“ во Њујорк, САД, кога сте будни 24 часа на ден, мозочната активност покажува знаци дека е „на границата меѓу спиењето и будноста“, иако изгледате будни.

– Ова се нарекува „микроспиење“. Луѓето кои не спијат подолги временски периоди може да изгледаат будни, но нивниот мозок несвесно се лизга во состојба на абнормален сон, што вклучува слаба сосредоточеност, па дури и халуцинации. Тешко е да се поверува дека некој може да остане буден повеќе од 24 часа без вакви епизоди, вели Коен.Тој вели и оти не е лесно точно да се одреди колку долго некој може да остане буден и кои се несаканите последици. Подолгото неспиење е толку разорно, што се смета за неетички да се проучува кај луѓето, велат лекарите. Присилната будност се користи како психолошка тортура.

 

Но, постојат докази за луѓе со ретка наследна состојба, наречена фатална фамилијарна несоница (Fatal Familial Insomnia – ФФИ). Овие пациенти имаат генетска мутација што предизвикува абнормална акумулација на протеини во мозокот, што го влошува сонот. При оваа состојба, телото се соочува прогресивна слабост и на крајот умира од протеинските наслаги коишто ги оштетуваат мозочни клетки. Повеќето пациенти со ова нарушување умираат во просек за 18 месеци.

Испитувањата врз стаорци во 1989 година покажаа дека животните може да поминат без сон меѓу 11 и 32 дена, пред да умрат. Студија од 2019. спроведена со луѓе, објавена во списанието „Природата и науката за спиењето“ (Nature and Science of Sleep), открива дека учесниците можеле да одржат релативно нормално ниво на будност до 16 часа. Но, по 16-от час, се случува значително намалување на вниманието, коешто пак, се влошува кај учесниците кои страдале од хронична несоница.

– Ограничувањето на спиењето е исто така ризично: Иако влијанието врз концентрацијата може да бидат сериозни, понекогаш луѓето не ги забележуваат, исто како кога некој е под дејство на алкохол, но мисли дека е способен да вози. Овие луѓе не знаат дека не можат доволно добро да се фокусираат, додава Коен.

Неспиењето полни 24 часа ја намалува координацијата рака-око исто колку и 0,1 промил алкохол во крвта. Тоа предизвикува забавеност, нејасен говор, нарушено донесување одлуки, намалена меморија и координација, раздразливост и нарушен вид и слух, според истражувањето на „Клиниката во Кливленд“. Заклучоците се совпаѓаат и со други научни трудови.

По 36 часа будност, луѓето имаат зголемени маркери на воспаление во крвта, хормонска нерамнотежа и побавен метаболизам, се наведува. Има малку научни наоди и наводи за тоа што се случува по 72 часа без спиење, но познато е дека луѓето стануваат вознемирени, анксиозни, депресивни, почнуваат да халуцинираат и имаат сѐ поголеми проблеми со основните функции.

Back to top button
Close