Колку дози на вакцина се потребни за да нѐ заштити од Ковид-19?

Додека во соседните земји лицата кои прележале ковид се вакцинираат само со една доза, во С. Македонија се отвора прашањето дали ќе биде потребна и трета доза за имунитет.

Уште 10.530 дози од вакцината на производителот „Фајзер” пристигнаа во С. Македонија, каде во тек е масовната имунизација на населението во Скопје, како и на повеќе регионални пунктови во внатрешноста на земјата. Од нив, 5.850 се преку директни преговори со производителот, а 4.680 се оние кои ЕУ ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Јуроп“ (Team Europe. Оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан ја координира Австрија.

„Количините на вакцини постојано се дополнуваат, апелирам сите граѓани да се пријават за вакцинација“, апелираше министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук.

Заклучно со сабота, на вакциналните пунктови во државата се вакцинирани се вкупно 220.733 граѓани. Во земјата вкупно се аплицирани 259.577 дози вакцини, а ревакцинирани се 38. 806 граѓани. Според последните податоци, 45,7% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 39% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 398.243 граѓани.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација и лица вработени во критична инфраструктура. Помладата популација сѐ уште чека на ред за вакцинација. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Охрид. Вакцинални пунктови се подготвуваат и во Струмица, Прилеп и Велес, кои денеска се очекува да ги отворат вратите за имунизација.

Некои одбиваат да се вакцинираат, други не веруваат во корона

Неодамнешното истражување, кое за потребите на Владата на средината од март го спровела агенцијата Индаго, покажа дека половина од граѓаните во Македонија би се вакцинирале против Ковид. Според него, 51% од граѓаните би примиле вакцина, 18% сѐ уште се мислат, а 28% рекле дека нема да се вакцинираат. Најголем интерес за вакцина има меѓу граѓаните кои се постари од 50 години, додека кај младите е најголем процентот на оние кои одбиваат да се вакцинираат.

На Македонците омилена вакцина им е Спутник V. За рускиот производ се определиле 65% од испитаните, додека 61%, кога би можеле да изберат, би се вакцинирале со Фајзер. За кинеската вакцина се определиле 50%. Најмногу граѓани, или 55%, рекле дека не би се вакцинирале со АстраЗенека. Според ова истражување спроведено пред пролетниот пик, дури 73% од граѓаните немаат прележано Ковид, а секој десетти анкетиран смета дека коронавирусот не постои.

Колку дози се доволно за имунитет?

И додека лицата коишто прележале Ковид-19, во Грција ќе бидат вакцинирани само со една доза од вакцината и тоа во период од шест до 12 месеци по заразувањето, во С. Македонија се отвора прашањето дали ќе биде потребно да се прими и трета доза, доколку граѓаните не развиле антитела по двете вакцини.

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfung Präsident Stevo PendarovskiЗа граѓаните кои нема да развијат антитела и по примањето на втората доза на кинеската вакцина Синофарм, треба да се размислува да примат и трета доза од друга вакцина

„За граѓаните кои нема да развијат антитела и по примањето на втората доза на кинеската вакцина Синофарм, треба да се размислува да примат и трета доза од друга вакцина“, вели за „Фокус“ Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија. Микробиологот Никола Пановски на прашањето дали ако не се развијат антитела од кинеската вакцина тоа значи дека лицето не е заштитено од несакани последици од болеста, тој вели дека тоа не се знае, бидејќи нема доказ за имунитет.

Во С. Македонија од вкупниот број вакцини коишто се стигнати, најбројни се кинеските вакцини на Синофарм – над 300.000 дози. Вакцината Синофарм е класичен модел на вакцина, добиена на технологија на ослабнување (инактивирање) на целиот вирус, постапка која се користи со децении за добивање на класични вирусни вакцини. Може да се дава на сите граѓани без ограничување, бидејќи има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста.

Сепак, најнова студија вели дека 20 oтсто од вакцинираните со Синофарм во Србија не развиле антитела. Тоа се главно постари од 70 години, покажува студија на Институтот за медицински истражувања во Белград. Лекарите од Институтот сега се прашуваат како овие лица ќе се заштитат од заразата и кога треба да добијат следна вакцина на која организмот би требало да реагира.

извор: ДВ

Back to top button
Close