Колку е Иран близу до создавање атомска бомба?
Израел своите актуелни напади врз ирански цели ги оправдува со тврдењето дека Техеран е премногу блиску до развој на нуклеарна бомба. Тоа несомнено би претставувало егзистенцијална закана за Израел, бидејќи иранскиот режим во повеќе наврати прокламира желба да го уништи Израел.
Техеран инсистира на тоа дека нуклеарната програма на земјата служи само за цивилни цели, но голем дел од меѓународната заедница препознаваат и воен потенцијал. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро во неделата изјави дека нуклеарната програма на Техеран е „егзистенцијална закана“ за Израел и Европа, но дека дипломатијата е најдобро решение. Германскиот министер за надворешни работи Вадефул уште во саботата вечер изјави дека Берлин, Париз и Лондон се подготвени за разговори со Техеран за деескалација на ситуацијата.
Колку е напредната нуклеарната програма на Иран?
Цивилни нуклеарни програми целат кон изградба на нуклеарни централи за производство на електрична енергија. Воени нуклеарни програми се насочени кон развој на нуклеарни боеви глави, односно нуклеарни бомби. Иранскиот режим од секогаш тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за цивилна употреба – и повеќето експерти и западни разузнавачки агенции де факто се на ставот оти Иран (сè уште) не прави нуклеарно оружје. Причина за загриженост претставува степенот на збогатување на ураниум во Иран. Според Меѓународната атомска агенција (МААЕ), Иран акумулирал повеќе од 400 килограми ураниум збогатен до 60 проценти, што е многу над нивото потребно за цивилно производство на енергија, а е опасно блиску до материјал употреблив за оружје. Со збогатување до 90 проценти тие 400 килограми би биле доволни за околу десет нуклеарни глави. „Според Агенцијата, Иран го забрзал збогатувањето на 60 проценти, а освен тоа зачестиле и ракетните тестови“, посочува Ханс Јакоб Шиндлер, безбедносен експерт во Проектот за борба против екстремизам, во интервју за ДВ. „Може да се каже и дека Иран сакал да ја подобри својата преговарачка позиција во однос на САД, но може да се интерпретира и дека Техеран многу брзо се движи кон атомска бомба“, додава Шиндлер. Преговорите со САД поради моменталната ескалација се во мирување.
Во моментов нема докази дека Иран збогатил ураниум до 90 проценти. Сепак, експерти предупредуваат дека земјата со своите залихи и технички капацитети, многу брзо би можела да го достигне тој степен. Само неколку дена пред нападот од Израел, земјата најави дека ќе пушти во употреба уште еден објект за збогатување на ураниум.
Сепак, збогатени ураниум сам по себе не е атомска бомба. На Иран би му била потребна и функционална боева глава и ракета способна да ја однесе таквата бомба до целта.
Колкава штета предизвикуваат нападите на Израел?
Израел во своите напади таргетираше нуклеарни постројки, како и членови на военото раководство и научници вклучени во нуклеарната програма. Сателитски снимки укажуваат на различен степен на деструкција во двата важни истражувачки објекти во Натанс и Исфахан, каде што исто така се вршеше и збогатување на ураниум. МААЕ потврди штета на двата објекти. Неизвесни се точните размери на деструкцијата и колку ќе биде за Иран предизвик да се поправи штетата.
Валтер Пош, специјалист за Иран при Виенскиот институт за обезбедување на мирот и управување со конфликти, целокупното влијание го проценува како „сериозно“ за Иран. „Поважни од убиените генерали секако се нуклеарните научници. Тие речиси од самиот почеток ја следеа нуклеарната програма и имаа целокупни научни и институционални познавања“, објаснува тој во интервју за ДВ. „Тие играат клучна улога, па загубите на академско ниво и од аспект на практично знаење се тежок удар“, додава тој.
Покрај нуклеарните објекти и воената и научната елита, ракетните бази и складишта за гориво се исто така меѓу целите на израелските бомби врз Иран.
Зошто Иран поседува атомска програма?
Таа датира од 1950-тите години, кога тогашната прозападна влада со помош на САД воспостави цивилна нуклеарна програма. Откако по Иранската револуција во 1979 година на власт дојде фундаменталистичка, анти-западна влада, меѓународната загриженост дека Техеран може да ја користи својата нуклеарна програма и за воени цели, почна да расте.
Во 2002 година меѓународни инспектори открија ураниум збогатен на високо ниво во нуклеарниот објект Натанс, по што следеа меѓународни санкции. Во 2015 година Иран постигна значаен нуклеарен договор со САД и други западни земји познат како Заеднички сеопфатен план за дејствување. Договорот ја ограничи нуклеарната програма и воведе строга контрола во замена за ублажување на санкциите. Американскиот претседател Доналд Трамп пак, ги повлече САД од договорот во 2018та година за време на неговиот прв претседателски мандат. Тој критикуваше дека мерките се временски ограничени и дека иранската програма за балистички ракети не била земена в предвид. САД воведоа нови, сеопфатни санкции против Иран.