Колку се заштитени административците?

Има околу 1.300 институции во јавниот сектор, сите не располагаат со соодветни услови за нужно растојание меѓу вработените, а заштитата со маски не се почитува доследно.

  

Владата веднаш да преземе мерки за заштита на вработените во јавниот сектор, апелираше во два наврата дополнителната заменик-министерка за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска Стојковски.

„Хронично болните, бремените жени, лицата кои се самохрани родители веднаш да бидат ослободени од работа, а функционерите на СДСМ за кои добив известување дека не ги почитуваат мерките и препораките, веднаш да бидат санкционирани и повикани на одговорност”, повика Стаменковска.

Во однос на овие забелешки, од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) велат дека Стаменковска чука на отворена врата.

„Во однос на заштитата на различните категории на вработени во јавниот сектор, мерката за ослободување од работа продолжува да важи за: хронично болните лица, за бремените жени, за родителите на дете до 10-годишна возраст, за самохраните родители, за родители на деца со попреченост кои користат дневен центар, за лица кои одат на работа со придружба – потполно слепи лица, за лица кои се движат со инвалидска количка, за лица со умерена и тешка интелектуална попреченост“, потсетуваат од МИОА.

Некои не носат маски

Но, каква е состојбата меѓу вработените кои не спаѓаат во овие категории и кои редовно доаѓаат на работните места? Според изјави на вработени, дел од нивните колеги не носат заштитни маски, и покрај фактот дека тоа е главна препорака. Од МИОА потсетуваат дека Владата на 60- тата седница го усвои Протоколот за работа на сите работни места согласно со насоките од СЗО, а со цел заштита на вработените во јавната администрација.

„Протоколот предвидува секој вработен задолжително да носи лична заштитна опрема на лицето (маска) за време на извршување на работните задачи на работното место. Да се одржува минимум физичкото растојание и контакт помеѓу вработените. Да се избегнуваат групирања и собирања.
Да се настојува комуникацијата да биде телефонски (локали/мобилни телефони). Редовно да се одржува личната хигиена и хигиената во работните простории. Службените интерни состаноци да се одржуваат преку алтернативен начин (интернет апликации за комуникација). Исто така, во сила е и веќе усвоениот протокол за одржување на работни состаноци. Дополнително, институциите во јавниот сектор на своите вработени им обезбедуваат средства за заштита, маски и средства за хигиена. Носењето маски на работно место е задолжително, а секое прекршување може да се пријави до раководното лице, по што ќе биде соодветно постепено“, велат од МИОА.

Сепак, состојбата на терен не покажува доследно почитување на мерката за задолжително носење на заштитни маски.

„Не помагаат ни укажувања на раководителите, ниту на колегите. Дел никогаш не носат маски. Сметаат дека нема потреба“, велат вработени од институции во јавниот сектор.

Казни за ова може да изречат надлежните инспекции, но прашање е дали тие воопшто може да стигнат да извршат контрола во сите институции од јавниот сектор, кои ги има околу 1.300? Притоа, проблем е и што сите објекти не располагаат со соодветни просторни услови, кои можат да обезбедат нужно растојание меѓу вработените.

Дали има други можности за намалување на ризикот од зараза? Стаменковска вели дека вработените кои се распределени и патуваат надвор од местото на живеење, треба да бидат вратени веднаш во својата матична институција или да бидат ослободени од патување за да се заштитат нивните, и животите на нивните семејства.

„Да се ослободат и сите вработени кои немаат безбеден и редовен превоз до нивното работно место и назад, да работат од дома онлајн, освен оние од институциите каде навистина има потреба од физичко присуство, но притоа да се примени принципот на ротација на вработените, но не повеќе од две лица присутни во иста просторија“, порача дополнителната заменик-министерка за информатичко општество и администрација.

Раководителите на институциите од јавниот сектор немаат одврзани раце за вакви одлуки. Во владината одлука донесена на 57-мата седница (27-ми мај), се вели дека „од први јуни престануваат да важат заклучоците со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на работните активности, како што работа од дома, патување за работа кон градот Скопје и организирање на работниот процес со ротации”.

Оваа одлука беше придружена со посочениот Протокол за работа, дејствување и однесување на работно место, кој се однесува на просторните услови, физичкото растојание во работните и другите простории, носењето лична заштитна опрема и слично.

Стаменковска вели дека уште на 1-ви јуни го предупредила министерот Дамјан Манчевски дека не постојат никакви протоколи, дека условите не се согласно со препораките на СЗО, и дека здравјето на вработените е доведено во прашање.

„За жал, утрово се потврди, во зградата позади мене каде работам дознав дека поголем број вработени од различни институции имале симптоми на Ковид-19. Сигурна сум дека никој не презел каква било мерка за заштита на вработените од оваа зграда, и општо за вработените во јавниот сектор. Апелирам на доследна примена на Законот за безбедност и здравје при работа, бидејќи сериозно сум загрижена и револтирана што и по три месеци од прогласување на вонредната состојба, не се воспоставени никакви протоколи за работа во секоја институција со цел заштита на животот и здравјето на вработените во јавниот сектор, а со тоа и на сите граѓани кои користат услуги од институциите“, предупреди дополнителната заменик-министерка.

Засега нема официјална потврда на ваквите информации. Но, според раководители на институции, сите наводи треба да се проверат, а доколку има потреба – Комисијата за заразни болести да предложи дополнителни мерки за заштита на вработените во јавниот сектор.

„Кога ќе се отворат градинките, родителите на тие деца ќе се вратат на работа. Ако ги штитиме децата со посебен Протокол за престој во градинките, мора да бидеме сигурни дека вистински се заштитени и нивните родители, како и и сите други вработени. Во спротивно, ќе се вртиме во круг, на штета на здравјето“, велат тие.

извор: ДВ

Back to top button
Close