Колумбиската морнарица заплени беспилотна подморница што се користела за транспорт на дрога

Колумбиската морнарица заплени подморница без екипаж опремена со сателитска интернет антена Старлинк, изјави шефот на морнарицата Хуан Рикардо Росо.

Подморницата се наоѓала во колумбиските територијални води покрај брегот на Карипското Море, недалеку од градот Санта Марта.

Росо нагласи дека ова е прв случај во Колумбија во кој е запленета подморница со целосно автономна беспилотна контрола. Според него, подморницата е од специјално производство бидејќи е без екипаж и има модерна навигациска и комуникациска опрема.

Бродот имал капацитет да патува до 1.000 километри, како и да транспортира над 1,5 тони кокаин. Се верува дека му припаѓа на нарко-картелот Клан дел Голфо.

Шефот на колумбиската морнарица истакна дека ова е една од вкупно 10 подморници и дронови конфискувани, што укажува на тренд кај криминалните картели кон употреба на сè пософистицирани беспилотни технологии.

Ова ги комплицира напорите на колумбиските власти да спречат трговија со нелегални супстанции и бара голема технолошка надградба на безбедносните служби, додаде Росо.

Back to top button
Close