Кометал-Ѓорче Петров VS Еуростандард банка – Радост и тага

Почитувани читатели, денешната колумна посветена на Еуростандард банка ја именував со насловот Радост и тага.

Кај секој поединец радоста и тагата се најприсутните емоции, составен дел од сечиј живот. Причина за ваков наслов е мојот личен порив, да ги споделам со вас моите чувства на радост и тага на професионален план, во сопствената татковина.

На 19 мај оваа година ја чевствувавме 21 годишнина од освоената европска титула на Женскиот ракометен клуб ,,Кометал-Ѓорче Петров”, победа која за многумина беше еден од најсилните, највпечатливи, емотивно колективни моменти, кога цела Македонија пулсираше обединета во едно срце полно радост.

Сеќавањата на тој настан и денес навираат со сета силина, која сите нѐ прави горди и среќни.

Овој настан во историјата на Република Македонија ќе остане забележан не само по освоената титула на Европски шампион, туку уште повеќе по големата радост на сите граѓани кои живеат во Република Македонија. Бевме обединети во радост.

Горд сум што бев дел од тимот кој ја донесе оваа радост за Македонија.

За неполни 3 месеци се навршуваат токму 3 години од неразбирливиот стечај на Еуростандард банка, предизвикан од самоволието на Народна банка и нејзиниот Гувернер Анита Бежоска.

Во изминатите три години пишував, сѐ уште пишувам и упорно ќе пишувам повторувајќи ги фактите дека стечајот беше направен со умисла.

Во овој грозоморен чин учествуваа сите клучни институции на системот, кои по сила на закон треба да ги бранат интересите на граѓаните, вклучително и моите. Силата на законот беше заменета со силата на корупцијата, на личното пред колективното

Народна банка беше џелатот, егзекуторот на Еуростандард банка, со логистичка поддршка од Техничката Влада, Собранието на Република Македонија и ,,Амин” од Јавното обвинителство.

До ден денешен немам никаков одговор на прашањата кои секоја недела ги поставувам пред вас , мои сограѓани. Институциите на прогонот и натаму молчат.

Таксативно фактите се следни:

 

1.Техничката Влада предводена од Оливер Спасовски за време на вонредната состојба поради пандемијата Ковид-19 носи ДВЕ УРЕДБИ СО СИЛА НА ЗАКОН КОИ СЕ КОНТРАДИКТОРНИ. Првата објавена во Службен весник на Македонија на ден 24.02.2020 година , гарантира 3 месечен мораториум на било каква стечајна постапка на правни лица, после завршувањето на вонредната состојба. Со исто таква уредба ОВОЈ ПАТ ДОНЕСЕНА НА 29.05.2020 ГОДИНА, ЗАБРАНАТА ЗА СТЕЧАЈ СЕ УКИНУВА И СТЕЧАЈОТ МОЖЕ ДА СТАПИ ВЕДНАШ ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА. Со оваа втора уредба се гарантираше брзото носење во стечај на Еуростандард банка.

2.Народна банка- Прескокнување на инструментите за стабилизација на банки, а тоа се:

-вонредни мерки и

-администрација

Зошто Народна банка не ги употреби и денеска е нејасно? За појаснување, во вонредни мерки се применуваат казни за раководни структури во банката и одземање на нивни лиценци за работа во овој сектор. Такво нешто не се случи во Еуростандард банка. На ниту еден член на Надзорниот и Управниот одбор, лиценцата не им беше одземена.

Инструментот администрација е нужност за санирање на банката, согласно Законот за банки. Во период од една година на администрација ќе ѝ беше јасно и ќе се знаеше дали банката ќе може да се санира или не.

Налогодавецот за носење во стечај на Еуростандард банка имаше потреба да се прескокне овој инструмент, за администрација на банката.

Прашањето е ЗОШТО? Затоа што ќе се откриеше, почитувани читатели, незаконското работење во банкарскиот систем во Република Македонија, со така-наречени позајмици кои се практикуваа со користење на сметките од коминтенти, ама без нивно знаење.

Одлуката за носење во стечај падна во моментот кога Еуростандард банка изрази одлучност да испадне од овој синџир на така-наречени позајмици. Непослушноста мораше да се казни. Наредбодавецот на ваква незаконска наредба беше Народна банка.

Како е можно за неполни 4 месеци адекватноста на капиталот, после нашата докапитализација од 13 милиони евра кон крајот на февруар 2020 година, од 5,6% да падне на (минус) -1,4%? Без судење бевме осудени на смрт. Народна банка на најригорозен начин ни го одзеде правото во последните 6 месеци да работиме со правни и физички лица.

Техничката Влада на Оливер Спасовски ни го одзема и правото за присилна наплата на доспеаните обврски. Веселата математика, токму поради овие настани кои ги направи Народна банка со адекватноста на капиталот, е причината за покренување на стечајот.

Народна банка цели 3 месци не го прими на разговор потенцијалниот партнер, кој беше спремен да ја докапитализира Еуростандард банка.

Очигледно одлуката за носење на Еуростандард банка во стечај била многу посилна отколку фактите.

 

3.Собрание на Република Македонија

На средбата со првиот човек на Собранието, Талат Џафери заеднички беше утврдено дека Еуростандард банка е однесена во стечај без користење на инструментите кои Народна банка ги имала на располагање за нејзино стабилизирање. После таа средба комуникација со Господинот Џафери нема.

Комисијата за финансирање и буџет при Собранието на РМ направи распит. Денес после изминати 2,5 години разбирам дека овој распит беше само форма. Ефект нула.

 

4. Истражните органи и Јавното обвинителство отворија предмет и донесоа решение за отварање на истрага, каде јас и моето семејство сме ставени како главни осомничени чинители на овој злостор.

Поминати се сите рокови на истражната постапка, меѓутоа молкот и понатаму владее.

5.Самата стечајна постапка е далеку од очите на јавноста. Нетранспарентноста на стечајниот судија при водењето на оваа постапка е само уште еден доказ дека вистината за Еуростандард банка мора да биде закопана пред очите на јавноста.

Шведската маса на стечајните управници е богата трпеза, бидејќи веќе трета година живеат и се наградуваат од средствата на банката.

Почитувани читатели, радоста ја имам со секој нов ден, секој нов ден ми дава сила да издржам во мојата борба , со цел вистината за Еростандард банка да излезе на виделина. Ова не е само ма лична борба, ова е борба за наша заедничка вистина. Но истовремено сум тажен, бидејќи мојата најсакана и единствена држава Македонија, преку нејзините институции не само што не ми помага, туку сака да ме уништи. Кој е тој порив кај поединци , институции кои од петни жили сакаат да си го уништат своето чедо, чедо на Македонија, човек пред сѐ, кој исто така од петни жили, но со полно срце, несебично придонесува за доброто на Македонија.

Бидете убедени, ќе барам начин како да ја добијам оваа битка, бидејќи поразот не смее да се престори во тага, не смее да надвладее над мене, мето семејство и миоте сограѓани кои заслужуваат вистина.

Јас продолжувам…

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close