Комитет на министри на СЕ: „Длабока загриженост“ поради нерегистрацијата на македонските здруженија во Бугарија

Нова реакција од Советот на Европа за неспроведувањето на серијата од шест пресуди по тужбите на ОМО „Илинден“

Комитетот на министри на Советот на Европа во својата најнова одлука, донесена на 9 март, а објавена денеска, изразува „длабока загриженост“ поради тоа што речиси 16 години по првата правосилна пресуда по предметот на организацијата ОМО „Илинден“ против Бугарија, и „натаму редовно им се одбива регистрацијата на здруженијата кои имаат за цел признавање на македонското малцинство“.

Како што јави дописникот на МИА, Комитетот на министри на Советот на Европа во својата најнова одлука донесена на последниот состанок, на кој се разгледуваше извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, уште еднаш се осврна на спроведувањето на серијата од шест пресуди по тужбите на Обединетата македонска организација „Илинден“.

Во одлуката, Комитетот на министри на Советот на Европа, потсетува дека оваа група случаи на ОМО „Илинден“ против Бугарија, кои се оквалификувани како „сложени“, се однесуваат на „неоправдани одбивања од страна на судовите помеѓу 1999 и 2015 година да регистрираат здруженија кои имаат за цел да се добие признавање на македонското малцинство во Бугарија“.

„Бугарските судови ги оправдуваат одбивањата врз основа на загриженост за националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите (цели насочени кон „признавање на македонското малцинство“ и наводни сепаратистички идеи) и за уставна забрана за здруженија кои остваруваат политички цели, како и за неисполнување на формалните законски барања (што за Европскиот суд за човекови права претставува повреда на член 11од Европската конвенција)“,се додава во одлуката.

Комитетот притоа изразува „длабока загриженост“ дека, и покрај усвојувањето на Привремената резолуција CM/ResDH(2020)197 и одлуките од јуни 2021 година, најновите барања за регистрација иницирани од здруженијата апликанти повторно се одбиени од причини поврзани со „целите на здруженијата“ или „со конфузно толкување на статутите на здруженијата“.

„Советот на Европа уште еднаш ги повикува властите да го разјаснат постоењето и правната основа на практиката што ги обврзува здруженијата да се регистрираат според статут на здруженија од јавен интерес“,

посочува Комитетот.

Понатаму, Комитетот на министри, во кој членуваат претставници на 46 земји членки на Советот на Европа, потенцира дека сегашните пресуди не предизвикуваат обврска да се признаат „група на лица како малцинство“, но јасно бараат од националните власти да не одбиваат регистрација во врска со целите на здруженијата.

Комитетот на министри со „интерес забележа“ дека властите од Бугарија изготвиле „главни насоки“ за службениците кои работата на регистрациите и „прирачник за здруженија“ во врска со барањата за регистрација, кои треба да се финализираат и објават и да вклучат продолжување на обврската на агенцијата да дава упатства за корекција на досиејата за регистрација. Исто така, „со интерес се забележува“ писмото од министерот за правда на Бугарија од октомври 2021 година кое содржи порака на високо ниво за извршувањето на овие случаи, притоа забележувајќи дека останува да се видат позитивни резултати од овие мерки.

Комитетот на министри од Софија бара до 30 септември 2022 година да обезбеди информации за сите прашања кои би покажале конкретен напредок во однос на поединечните мерки и одлучи да продолжат со разгледување на оваа група случаи на состанок во декември 2022 година.

Back to top button
Close