Комитетот за права на жените на ЕП бара прогласување на полово базираното насилство и фемицидот за кривични дела на ниво на ЕУ
Комитетот за права на жените и родова еднаквост на Европскиот парламент со 25 гласа „за“, осум „против“ и еден „воздржан“ синоќа усвои Извештај со кој се повикува Еврокомисијата во Стратегијата за родова еднаквост на ЕУ за периодот 2026-2030 година да бидат вклучени и практични мерки за справување со родово базираното насилство и за родова рамноправноста во остварување на здравствената заштита, правото на работа и политичката застапеност.
Меѓу останатото, со иницијативата се предлага полово базираното насилство и фемицидот да бидат признати како посебни кривични дела на ниво на ЕУ, како и да се воспостави единствена европска дефиниција за силувањето.
Комитетот, исто така, со Извештајот ги повикува сите членки на ЕУ кои се уште не ја ратификувале Истанбулската конвенција да го сторат тоа.
Со документот се бара универзален пристап до родово одговорна здравствена заштита и намалување на половиот здравствен јаз, со посебно внимание на болестите што повеќе ги погодуваат жените.
Европратениците повикуваат и на изработка сеопфатна и задолжителна рамка за обезбедување целосен и еднаков пристап до сите услуги за сексуална и репродуктивна здравствена заштита.
Комитетот бара и обезбедување на рамноправна позиција на жените на пазарот на трудот, намалување на разликите меѓу половите во вработеноста, платите и пензиите, поттикнување на зголемувањето на бројот на жени во управните одбори на компаниите и воспоставување на рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот на родителите и старателите.
Во Извештајот се посочува и дека жените остануваат значително недоволно застапени на сите нивоа при донесувањето политички одлуки и се повикува Комисијата да промовира суштинска родова еднаквост и да обезбеди еднаква полова застапеност и политичко учество во донесувањето одлуки.
Комитетот ја нагласува и виталната улога на граѓанското општество во „одбраната на родовата еднаквост и основните слободи во услови на пораст на политичка реакција и антиродовите движења“ и ја повикува Еврокомисијата да ги зајакне механизмите за справување со „демократското назадување и нападите врз правата на жените и ЛГБТИК+ популацијата“.
Известувачот на Комитетот за Извештајот, хрватскиот европратеник Марко Вешлигај по усвојувањето на документот оцени дека тој претставува сеопфатно и навремено цврсто барање до Европската комисија да подготви амбициозна Стратегија за родова еднаквост по 2025 година.
– Инсистираме на конкретни законодавни чекори во сите клучни области, вклучително и борба против родово базираното насилство, заштита на сексуалните и репродуктивните права и обезбедување еднаквост на пазарот на трудот, изјави Вешлигај.
Тој нагласи дека усвојувањето на ваквата Стратегија сега е поважно од кога било досега, бидејќи жените и девојките се соочуваат со сериозни предизвици и напади врз нивните основни права и еднаквост, дури и во рамките на европските институции.
Извештајот сега ќе биде доставен за усвојување на следната пленарна седница на Европскиот парламент и ако биде усвоен ќе треба да даде клучен придонес кон изработката на Стратегијата за родова еднаквост 2026-2030 година, што Еврокомисијата би требало да ја презентира следната година.