КОМИТСКИ МУАБЕТИ

Како македонската Влада ќе им помогне на Македонците во Бугарија? На штета на Македонците во Македонија.

 

Владата решила да ги даде курбан македонските граѓани, за да ги заштити правата на граѓаните на Европската Унија. Премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш кажа „и последно да му е, измени на Уставот ќе нема ако не се исполнат минимум барем два услова – загарантирани права на Македонците во Бугарија, како и гаранции дека нема да се соочуваме со блокади од субјективни причини“.

Тоа значи дека додека е ВМРО-ДПМНЕ на власт, ние Европската Унија ќе ја гледаме само како туристи што ќе бидат малтретирани кога ќе се појавиме на границите на Шенген, или како работници и студенти кои морале да извадат бугарски пасоши за легален престој.

Така што, тоа што Мицкоски го кажува уште откако беше во опозиција дека ќе репреговарал нови протоколи, дека можело да се смисли подобра преговарачка рамка и на сите во ЕУ ќе ја кажувал „вистинската вистина“, се само многу зборови што се сведуваат на едно: Немам намера да работам за влез во ЕУ.

Како македонската Влада ќе им помогне на Македонците во Бугарија? На штета на Македонците во Македонија. Ние блокираните на патот кон ЕУ ќе им помагаме на Македонците што се веќе во ЕУ. Па Македонците во Бугарија се европски граѓани уште од 2004. Гласаат во ЕУ држава на национални избори, гласаат и за претставници во Европскиот парламент. Имаат европски институции каде што можат да се обратат, да ги слушнат и да си тераат правда. Имаат и пресуди во нивна корист во Европскиот суд за човекови права.

Не дека ЕУ и самата не е кабает, со тоа што ги погази сите свои принципи врз кои е основана, блокирајќи ја Македонија. Ама ние не можеме да ја промениме ЕУ.

Ако човек сака да направи нешто, ќе бара и ќе најде начин. Ако не сака, стално ќе наоѓа изговор. Во барањето права за европските граѓани, Мицкоски си најде одлично оправдание да не презема никаква активност за одблокирање на патот кон ЕУ. За сите неуспеси дома, ќе му биде крива ЕУ.

Светот гори на сите страни, сите гледаат како да се заштитат во закрилата на некое поголемо семејство, а владејачката партија во Македонија чека ЕУ да го смени начинот на донесување одлуки или, уште поубаво, да се растури. Ама ЕУ земјите немаат проблем затоа што Македонија не е во ЕУ. Ние имаме проблем што не сме во ЕУ. Еве, само неделава се виде тоа најдраматично, со кризата со камионџиите што ги протеруваат од ЕУ како да се илегални натрапници. Да е само тоа.

Наместо сега, кога Мицкоски има апсолутна власт и со ваква растурена опозиција речиси загарантиран втор мандат, да преземе акција и конечно по 30 години да нѐ приближи кон ЕУ, тој ни прави муабети како од комитски вечери. Дека му аплаудирале кога зборувал на панел во Давос, ама не смеел да раскаже за што зборувал. И бил на свечена вечера со само 500-600 луѓе.

Тоа негово „и последно да ми е“ значи – до последниот Македонец што ќе земе бугарски пасош за да стане дел од ЕУ. Премиерот го турка под тепих најголемиот проблем што го имаме. А тој проблем е – не сме во ЕУ

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close