Комората на сметководители донираше за ресторанот „Амбрела“

Комората на сметководители на Македонија при Сојузот на стопански комори продолжува со организираните акции за практикување општествена одговорност во услови на пандемија. Со симболичен гест, денеска, во знак на официјален почеток на долгорочна соработка, донираше за ресторанот „Амбрела“, кој од отворањето креира успешна приказна, рушејќи ги бариерите и поместувајќи ги границите вработувајќи лица со попреченост.

-Општествената одговорност не треба да се гледа како трошок, туку како инвестиција за подобро утре и првенствено значи да ги извршуваме нашите задачи најдобро што умееме. Тоа е нашата примарна одговорност кон општеството и тоа е најдобрата основа на која ги надоградуваме сите останати активности преку кои се обидуваме да го подобриме квалитетот на животот во средината во која работиме. Силно веруваме дека ние треба да сме промената која што сакаме да ја видиме во светот, давајќи примери преку креирање акции кои ја надминуваат сферата на нашата работа и ја истакнуваат нашата свест за општествена одговорност, посебно во услови на моменталната криза која ја живееме, изјави претседателот на Комората, Драган Митковски.

Менаџментот на „Амбрела“ се заблагодари за соработката и потенцира дека секоја акција и внимание во услови на пандемија е од голема значење за непречено работење на компаниите.

-Се адаптираме на новите услови на работа и продолжува со силните заложби за подигнување на свеста за општествената одговорност на институциите и приватниот сектор во земјата за децата со посебни потреби“, изјави Гоце Ивановски, менаџер на „Амбрела“.

Од почетокот на пандемијата, Комората на сметководители континуирано обезбедува поддршка и помош на оние кои во услови на здравствено-економска криза им е најпотребна. За Институтот по белодробни заболувања кај децата Козле, Сојузот, обезбеди тунел за дезинфекција и дополнителни средства за заштита како и дигитален пулт за бесконтактно мерење на температура и за дезинфекција. Дополнително организираа бројни кампањи и акции за обезбедување опрема за ранливите категории, а се стави на располагање и на државните институции за про боно помош особено за анализа на флуктуациите во економијата и изготвување на акциски план.

Back to top button
Close