Компанија од Сарај која го снабдуваше РЕК Битола со јаглен влегува во „Македонијатурист“
Компанија која го снабдуваше РЕК Битола со јаглен ќе стекне единствена контрола над Друштвото за услуги МГФ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје, односно ќе се стекне со акции и ќе влезе во сопственичката структура на „Македонијатурист“, нашата најголема хотелиерска компанија.

Комисијата за заштита на конкуренцијата објави дека Друштвото за трговија и услуги ПРОМЕТ СТЕЕЛ ХОЛДИНГ ДОО Скопје со седиште во Сарај ќе стекне единствена контрола над МГФ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје регистрирана во Скопје по пат на купопродажба на удел.
„Приоритетна дејност на ПРОМЕТ СТЕЕЛ ХОЛДИНГ ДОО Скопје е трговија на големо со дрва, градежни материјали и санитарна опрема. ПРОМЕТ СТЕЕЛ ХОЛДИНГ ДОО Скопје претставува Холдинг Компанија која има 3 подружници во различни сектори (Вадење на декоративен камен и камен за градежништвото, варовник, суров гипс, креда и шкрилци, Трговија на големо со дрва, градежен материјал и санитарна опрема и Управувачки дејности). ПРОМЕТ СТЕЕЛ ХОЛДИНГ ДОО Скопје како холдинг и како матична компанија има 2 ќерки фирми, и тоа: 1. Друштво за транспорт трговија и услуги СТЕЕЛ ТРАНС ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, со седиште ул. Енвер Идризи бр. 16а, Скопје – Сарај, со регистрирана дејност 49.410 – товарен патен транспорт; 2. Друштво за производство, трговија и услуги СТИЛ КОНТРОЛ ДООЕЛ Скопје, со седиште ул. Хасан Приштина бр. 145, Визбегово, Бутел, со регистрирана дејност 43.990“, стои во известувањето.
МГФ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје е основано во 2025 година со регистрирана дејност – останати услужни дејности. Меѓутоа, МГФ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје се уште нема остварено деловна активност.
МГФ Инвестмент е специјална фирма основана оф МГ Фешн кој го гради станбено-деловниот комплекс на паркингот кај Холидеј ин, хотел кој е во сопственот на „Македонијатурист“.
ПРОМЕТ СТЕЕЛ ХОЛДИНГ е во сопствеништво на Абедин Алиу и неговата потесна фамилија. Тој се појави во медиумите пред неколку години, кога ги негираше обвинувањата дека увезува јаглен од Грција, наместо договорениот од Косово, за наводно да профитирал од разликата во цената. Неговата фирма се јавува со пет договори за набавка на јаглен од Обилиќ во Косово, од Берово во Македонија, од струшкото Прискупштина, но и од Селенице во Албанија. Според истражувањето „Јаглен на раскрсница“ преку тие пет договори и четири анекси на договори за набавениот јаглен биле исплатени 1.857.323.200 денари или околу 30.447.000 евра.
Претходно, фирмата Поливерзум Дооел Скопје стана најголем акционер во хотелско-угостителската компанија „Македонијатурист“, откако денес за тоа беше известено како информација на Македонска берза.
„Поливерзум“ претходно поседувал само мал број на акции, а сега е сопственик на 100.960 обични акции и зафаќа учество од 22,32 отсто од акционерската структура.
„Истовремено известуваме дека акционерот Друштвото за производство, трговија и услуги Поливерзум ДООЕЛ увоз-извоз Скопје се стекна со дополнителни 93.317 обични акции и сега поседува вкупно 100.960 обични акции односно 22,32% од вкупниот број на обични акции издадени од Македонијатурист АД Скопје, објавено е на Македонска берза.
„Поливерзум“ е основана во 2019, во сопственост на Баки Ајдин и основна дејност неспецијализирана трговија на големо, а седиштето е во Гази Баба. Во 2025 остварил приходи од 114 милиони денари и добивка од 73 милиони денари, или околу 1,2 милиони евра.
Во петокот беше објавено како информација на Македонска берза дека во две блок-трансакции од Македонијатурист биле купени 82.450 акции за 16 милиони евра и 10.587 акции за околу 2 милиони евра. Вкупниот процент на купените акции е 20,57 отсто.
Истовремено на Македонска берза е објавено и дека „Промедика“, како еден од акционерите кои досега поседуваше над 5 отсто од акциите, ги продал сите свои акции и дека повеќе нема учество во акционерското друштво.
Во моментов инвеститори кои поседуваат над 5% од акциите се Хотелско угостителско акционерско друштво Македонијатурист (10%), Јусуф Камбер (10,76%), Современ дом АД Прилеп (5,09%), Скопски пазар АД (19,90%), МГФ Инвестмент ДООЕЛ Скопје (15,53%) и Поливерзум ДООЕЛ Скопје (22,32%).






