Компанијата „Благоја Ѓорев” демантира дека при дефектот од неделата истекол тон мазут

Менаџерскиот тим на велешката компанија „Благој Ѓорев“  денеска на прес- конференција демантираше дека поради настанатиот  дефект истекло еден тон мазут. Тие тврдеа дека биле истечени од 200-300 килограми на улицата, но се бранеа со фото документација дека веднаш реагирале и исфрлиле ќоспе од сончоглед кое го впило излеаниот мазут, со што тие  ги санирале штетите по улицата. Воедно од оваа компанија тврдат дека мазутот во водите на  Вардар не е последица на нивно несовесно постапување, туку посочија дека за тоа се виновни вработените на ЈКП „Дервен“ кои дури вечерта ја испрале улицата, а водата во која имало само остатоци од измиениот мазут потоа преку испусниот канал завршила во водите на реката Вардар.

Анита Чакарова, директор на контрола за квалитет и безбедност ги демантира изјавите од локалната власт која тврди дека од велешка Маслодајна е истечен еден тон мазут и дека тие ја загадиле животната средина, односно водите на Вардар со мазут.

– Таа информација не е точна бидејќи ние имаме докази со фотографии за тоа што точно се случило во неделата во 10,30 минути. Ние како општествено одговорна компанија која работи по стандарди, безбедносни мерки и законски прописи, веднаш откако бевме известени од обезбедувањето целосно се мобилизиравме со човечки ресурси и механизација се со цел мазутот кој беше истечен од фабриката да не дојде до негово излевање во уличните канали за атмосферска вода. Сето тоа се санираше за неповеќе од час и пол, се со цел да спречиме загадување на животната средина, потенцира Чакарова.

Таа појасни дека тие истурале ќоспе од сончогледови лушпи бидејќи имале искуство дека тоа впива мазут, а сето тоа го следела полицијата која го регулирала сообраќајот на улицата,  која била повикана од нивна страна како компанија.

Директорот на сектор производство и одржување во велешки А.Д.„Благој Ѓорев“, Олгица Стојанова потсети дека брендот на велешка Маслодајна постои веќе 97 години, а тие за процесот на производство како енергенс користат мазут. Таа појасни дека оваа течно гориво е складирано во цистерни-резервоари и дека досега не се судриле со ваков проблем. Исто така таа тврдеше дека оваа се случило првпат да настане истекување на мазутот, при пукање на греач за регулирање на температурата на мазутот.

– Оваа настаната ситуација е техничка грешка, не од вработен туку техничка грешка на самата опрема, која досега не се случила,појасни Стојанова.

Директорката Стојанова, истовремено дементираше дека при тоа е излеано околу еден тон мазут на улицата „Алексо Демниевски“ пред вратата на капијата на велешка Маслодајна.Таа рече дека веднаш биле известени надлежните органи на Општина Велес, кои не им дале ни помош ни подршка, туку мазутот го отстраниле нивни вработени кои совесни пристапиле во решавање на проблемот, а кои го решиле за помалку од два часа.

Сопственикот на велешка Маслодајна, Горанчо Лазов изјави дека отсега нема да молчат и дека предизвикот од градоначалникот Аце Коцевски, го прифаќа јавно и дека нема да молчат на сите удари што им ги нанасува локалната власт.

– Подготвени сме отсега да не молчиме и да не даваме изјави верувајќи и на локалната самоуправа дека сака да ни помогне. Но, гледаме сега и свесни сме дека оваа е една голема игра и една голема намештаљка од страна на актуелниот градоначалник, претседатеот на Советот и одреден број на советници, да не именувам од која партија бидејќи не сакаме да напаѓаме ниту една партија бидејќи за нас сите партии се исти, потенцира Лазов.

Тој тврдеше дека веднаш бил известен и дошол, а вработен го сопрел мазутот за десетина минути. Сопственикот на „Благоја Ѓорев”, тврдеше дека се погрижиле да не дојде до излевање на 200 до 300 тони мазут на улицата и посипале ќоспе од лушпи од сончоглед а потао отпадот бил покриен со церада според прописите  и однесен од ЈКП „Дервен“ на Градската депонија.

Појасни дека тие се јавиле во Општината поучени од претходната хаварија во кој се запали силосот со пелети од ќоспе од сончогледови лушпи за која тие  добија казна од 50 илјади евра,а кои средства според него можеле да ги вложат во опрема.

– Казната ја добивме затоа што според некој член од законот не сме го известиле градоначалникот. Ние ниту нешто загадивме, ниту затрувме, признавам имало малку непријатен мирис.Признаваме дека имало хаварија а која може да се случи на секоја фирма, но и во тој случај со големо пожртвуваност на вработените сето тоа беше санирано, потенцира Лазов.

Лазов воедно информира дека увид и записник во состојбата неделава направиле и од Државниот инспекторат за животна средина.

Тој потенцира дека ако се затвори Маслодајна без работа ќе останат 180 вработени и нивните семејства и многу фирми кои ги опслужуваат, а и земјоделците ќе престанат со сеидба на сончогледот како што претходно згаснаа многу култури.

Тој е дециден дека веќе немаат намера да плаќаат високи казни на државата и дека ќе одат на суд за да докажат дека немаат никаква вина.

Back to top button
Close