Компанијата на Маск, „SpaceX“ поднесе барање за лансирање милион сателити во Земјината орбита

Компанијата на Илон Маск, SpaceX, поднесе барање за лансирање милион сателити во Земјината орбита, кои би биле поддрша за вештачката интелигенција.
Во барањето се наведува дека „орбиталните центри за податоци“ се најисплатливиот и енергетски најефикасен начин за задоволување на растечката побарувачка за компјутерска моќ на вештачка интелигенција.
Ваквите центри се големи магацини исполнети со моќни компјутери кои обработуваат и складираат податоци, а компанијата на Маск тврди дека потребите за обработка, поради зголемената употреба на ВИ, веќе ги надминуваат „земските можности“.
Доколку биде одобрено, тоа драматично би го зголемило бројот на сателити на SpaceX во орбитата, а постојната мрежа Starlink од речиси 10.000 сателити веќе е обвинета за „закрчување“ во вселената, што компанијата го негира.
Новата мрежа би можела да вклучува до милион сателити на сончева енергија, според барањето, кое беше поднесено до Федералната комисија за комуникации.
SpaceX тврди дека системот ќе обезбеди компјутерски капацитет потребен за опслужување на „повеќе милијарди корисници ширум светот“.
Како и сателитите Starlink, кои обезбедуваат брз интернет, овие сателити би биле во ниска орбита околу Земјата на надморска височина од 500 до 2.000 километри.
SpaceX тврди дека „орбиталните центри за податоци“, концепт што го истражуваат и други фирми, би биле поеколошка алтернатива на традиционалните центри, кои бараат огромни количини енергија и вода за ладење.






