Компании од прехранбената индустрија, иако аплицирале, нема да добиваат поевтина струја зашто имале фотоволтаиц

Во изјава за МИА од Стопанската комора на Северна Македонија наведоа оти се работи за водечки компании во одделни прехранбени сектори, а причината поради која им биле одбиени апликациите за субвенционирана струја е тоа што имале поставено фотоволтаици
Иако се опфатени во мерката и аплицирале за снабдување со субвенционирана струја од 1 декември, некои од компаниите од прехранбената индустрија нема да склучат договори со ЕСМ за снабдување со струја по поевтина цена. Причината зошто апликациите не им биле прифатени е оти компаниите имале поставено фотоволтаици.

Ова за МИА го соопштија од Стопанската комора на Северна Македонија од каде што наведоа оти се работи за водечки компании во одделни прехранбени сектори.

„Иако опфатени со мерката за субвенционирана струја од 1 декември, некои компании од прехранбената индустрија, водечки во своите сектори, не ќе може да склучат договори со ЕСМ зашто имаат поставено фотоволтаици“, истакнуваат од Комората, но не откриваат конкретно за кои компании станува збор.
Неодамна премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција информира дека за мерката за снабдување со субвенционирана струја аплицирале вкупно 233 основни и средни јавни училишта, 50 јавни претпријатија од областа на водостопанството и 235 прехранбени субјекти. Според мерката, овие субјекти „ЕСМ продажба“ ќе ги снабдува со поевтина струја од 1 декември.
Согласно владината одлука се пријавиле вкупно 235 субјекти кои вршат производство на основните прехранбени производи како масло за јадење, леб, брашно,млечни и месни производи да се снабдуваат со струја по цена од 80 евра по мегават-час. Оваа мерка, според очекувањата на Владата, треба да ги стабилизира и намали цените на крајните прехранбени продукти.

Одговарајќи на новинарско прашање дали мерката за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија ќе биде алиби оти компаниите кои не ја користат мерката ќе ги зголемуваат цените на прехранбените производи, министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека за тие компании ќе има други мерки.

Back to top button
Close