Комплетирањето на ДИК може да ја остави Комисијата без членови од опозицијата, вели Мицкоски

Од Беса велат дека се разочарани што шефот на државата не се изјаснил за потребата од комплетирање на ДИК и додаде дека со тоа испратил порака оти изборите можат да бидат многу спорни и нелегитимни

Предлог-листата со кандидати за членови на Државната изборна комисија (ДИК) е веќе доставена и се очекува Комисијата за избори и именувања да го утврди кандидатот. Кандидати се Абдуш Демири и Зулфи Адили.

Адбуш Демири е поддржан од Европски сојуз за промени во кој се Демократско движење, Беса и Алтернатива, а кандидатот Зулфи Адили, пак, е поддржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа.

Изборот на член на ДИК и денеска се најде како тема во настапите на дел од политичките партии.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета на Свети Николе истакна дека сè уште се консултира со соработниците за нивно учество во Државната изборна комисија бидејќи сè уште не е избран член од опозициските партии на Албанците во ДИК.

„Јасно дефинираната опозиција, во условно кажано албанскиот блок гледаме дека не може на пристоен начин да номинира член во рамки на ДИК. И морам да признам ако продолжат вака да се однесуваат, сè уште се консултирам со соработниците, но мислам дека нема што ВМРО-ДПМНЕ да бара во работата на ДИК.  Тогаш нека си спроведат избори ДУИ, Али Ахмети, Зечевиќ, Маричиќ, Ковачевски, Спасовски, па да видиме на што ќе личат тие избори. Затоа што од самиот почеток гледаме дека некој се обидува да имаме нелегитимен и нелегален изборен процес. Нека си спроведат избори Артан Груби, Османи, Али Ахмети, Зечевиќ, Маричиќ и другите, ние нема што да правиме“рече Мицкоски.

Пратеникот од Беса, Фадил Зендели, по годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието, изјави дека се разочарани што шефот на државата не се изјаснил за потребата од комплетирање на Државната изборна комисија (ДИК) и додаде дека со тоа испратил порака оти изборите можат да бидат многу спорни и нелегитимни.

„Од претседателот на државата денеска очекувавме да се изјасни и по нашиот предлог за член на Државната изборна комисија. Имајќи во предвид дека можеби ќе биде еден од кандидатите за наредните претседателски избори, а ќе имаме и парламентарните избори, а со оглед дека ДИК е некомплетна, очекувавме претседателот јасно да се изјасни дека ДИК треба да се комплетира согласно Изборниот законик и тоа што ни го налага правото. Но, тој не се изјасни по ова прашање и разочарани сме што како претседател на државата за едно многу важно прашање во државата, во општеството, не се изјасни“ рече Зендели.

Во оцената на говорот на Пендаровски, Зендели истакна дека имало само констатации што сите ги знаеле. Требало, како што рече, во вакви обраќања претседателот да има и насоки – во која насока работите да течат и како да се разрешуваат.

„Ги знаеме блокадите кои ги имаме од претседателот на Собранието Талат Џафери и тие се константни и продолжуваат и ако оставаме таква порака, односно претседателот Пендаровски остави таква порака дека ќе одиме на избори без комплетирана ДИК, тогаш пораката е дека овие избори можат да бидат многу спорни, нелегитимни затоа што ќе имаме ДИК која не го рефлектира она што законот го пропишува и она што го очекуваат граѓаните во нашето општество“ рече Зендели.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во петокот до лидерите на опозициските партии на Албанците, Изет Меџити, Африм Гаши, Биљал Касами, Арјанит Хоџа и Скендер Реџепи-Зејд ја испрати листата со пет кандидати за член на ДИК која ја има утврдено Комисијата за прашања на изборите и именувањата и им даде рок од три дена да го достават нивниот предлог.

 

Back to top button
Close