„Комунална хигиена“ ги чисти булеварите, тротоарите, плоштадите и деловите околу болниците во центарот на Скопје
Денеска и од ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека екипите се на терен и вршат проверка и расчистување на сливниците и шахтите по коловозите
Екипи на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ работат на чистење на снегот и мразот на плоштадите, булеварите, тротоарите и поголемите учици во Скопје.
Активностите, како што велат од „Комунална хигиена“, се одвивале во три смени со рачно чистење и со механизација, а со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот.
Чистење на снегот и мразот има на плоштадот и улицата „Македонија“, плоштадите „Филип втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, а екипите работеле и во Старата скопска чаршија.
Од „Комунална хигиена“ велат дека се исчистени и деловите околу Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Екипите на претпријатието работеле и на чистење на снегот и мразот околу зградата на Владата и на Собранието, на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и на сите пешачки мостови.
Оттаму велат дека ќе продолжат со расчистување на снегот и мразот и во текот на денешниот ден и претстојната ноќ.
Скопјани, пак, на социјалните мрежи, од вчера реагираат дека тротоарите и велосипедските патеки на булеварите не се исчистени и не се проодни.
Денеска и од ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека екипите се на терен и вршат проверка и расчистување на сливниците и шахтите по коловозите. Посебно, додаваат од претпријатието, се расчистуваат сливниците и шахтите на критичните точки во градот и подвозниците.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево информираат дека улиците и булеварите во надлежност на Град Скопје се проодни за одвивање на патниот сообраќај кој се одвива нормално во зимски услови и оти магистралните приодни правци кон градот се чисти.
Од ЦУК велат дека, според информациите од општините Гази Баба, Карпош, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Чаир, Бутел и Центар сообраќајот на улиците се одвива нормално, на нив е фрлено сол и тие се исчистени.
Во општина Ѓорче Петров, додаваат од ЦУК, патните правци кон селата под нивна надлежност се третирани со сол како и надвозникот кон населбата Даме Груев.
Според информациите што стигнале до ЦУК од Општина Сарај и Сопиште се врши фрлање сол на сите патни правци и расчистување на снегот со машини, а се очекува во текот на денот сите патни правци да бидат целосно завршени.