Комунална хигиена: Нема нафта за камионите, Скопје пред криза со ѓубрето – Управниот одбор со итна ургенција до Арсовска
Управниот одбор (УО) на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје денеска упати „итна ургенција“ до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска , предупредувајќи дека градот е пред „алармантна состојба“ со одржувањето на хигиената.

Во дописот, Управниот одбор информира дека претпријатието е речиси пред целосен прекин на работата, бидејќи резервите на нафта за возилата за собирање отпад се при крај.
„За ваше запознавање, во моментов се при крај резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в.д.директор,“ се вели во ургенцијата.
Управниот одбор директно ја посочува одговорноста кај градоначалничката Арсовска, бидејќи претпријатието нема назначен в.д. директор кој може да ја потпише неопходната набавка.
„Доколку во најкус можен рок не назначите в.д.директор на ЈП Комунална хигиена-Скопје, одговорноста за алармантната состојба со одржувањето на хигиената во градот Скопје е ВАША,“ децидно стои во писмото.
Одборот ја потсетува Арсовска дека, „спротивно на нејзините тврдења“ , ингеренциите за назначување и разрешување на директори на претпријатието ги има „исклучиво“ таа. Тие се повикуваат на членот 24 од Законот за јавните претпријатија и членот 40 од Статутот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, кои ѝ даваат овластување да именува в.д. директор, особено кога состојбата во претпријатието „ИТНО го налага тоа“.
Во дописот, УО ја потсетува градоначалничката и дека „во текот на изминатите четири години токму ВИЕ именувавте пет в.д.директори на ЈП Комунална хигиена-Скопје и разрешивте четири од нив“.
Управниот одбор бара од Арсовска „ИТНО да назначи нов в.д.директор“ кој ќе раководи со претпријатието, со цел да се овозможи неговата примарна дејност и да се заштити животната средина и јавното здравје






