Концерт посветен на Ана Липша Тофовиќ на отворањето на јубилејното 60-то издание на „Охридско лето“

Во сосема поинакви околности, надвор од вообичаениот термин, со строги придржувања кон протоколите за заштита од ширење на коронавирусот, на 4 август ќе биде отворено годинешното јубилејно 60-то издание на нашата најпрестижна музичко сценска манифестација, Фестивалот „Охридско лето“.

Отворањето на ова фестивалско издание ќе биде во знакот на основоположничката на „Охридско лето“, оперската примадона Ана Липша Тофовиќ, на самиот фестивалски роденден кога во далечната 1961 година првенката на македонската Опера ја создаде магијата наречена „Охридско лето“.

Свеченото отворање на фестивалот со концертот насловен „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ ќе се одржи на Античкиот театар, каде на фестивалската сцена ќе прозвучат познати арии во изведба на светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ.

Директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција на која беше презентирана фестивалската програма изрази огромна почит кон певицата Липша Тофовиќ, нагласувајќи оти фестивалот знае да ги препознае и вреднува заслугите на сите кои оставиле свој белег на фестивалската сцена и се заслужни за успесите на „Охридско лето“.

– Со сета почит кон нив, горда сум што „Охридско лето“ уште еднаш покажа има тим кој може да се справи со сите предизвици, тим за кого најважна е успешната реализација на програмата и задоволната публика. Само така се гради брендот на една врвна институција како што е Охридско лето притоа почитувајќи ја традицијата градена со децении, рече таа.

На отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, како и самата црква од 4 до 30 август ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници.

-Посебно сме горди што оваа година приоритет им дадовме на нашите македонски уметници, оркестри, театарски куќи. Тоа секако е доказ дека токму тие се столбот на нашата уметничка вредност. Фестивалот „Охридско лето“ е еден од најголемите промотори и афирматори на македонската уметност, на македонските композитори и изведувачи. Секоја година, на својата програма Фестивалот вклучува врвни домашни изведувачи кои стојат рамо до рамо со оние светските, но е и сцена за најдобрите претстави на нашите театарски куќи, истакна Поповиќ.

Музичката програма на „Охридско лето“ оваа година содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската офф-програма, појасни музичкиот фестивалски селектор Даница Стојанова.

– Програмата има прекрасна динамика, од самиот почеток до крајот претставува една голема музичка приказна која ќе го одбележи големиот јубилеј од 60 години на фестивалот и ќе ја прослави уметноста преку различни музички композиции. Ќе чуеме дела од најраниот барок, преку класиката, романтизмот, импресионизмот, до современите светски автори како и дела од македонското класично творештво, изјави Стојанова.

На фестивалската сцена ќе настапат врвни имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ од САД, Фукио саксофон квартетот од Шпанија, косовскиот гитарист Петрит Чеку, италијанскиот фелјтист Масимо Мерчели, мецосопранот Викена Каменица од Албанија, Келнскиот гудачки секстет, францускиот обоист Ариан Баке, Дуо Солипс…Несекојдневен настан е концертот за четири клавири и оркестар од Чешка, од македонската сцена Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл „Про Арс“ со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова – Неделковска, потоа Скопје танцов театар со Рисима Рисимикин, гала оперска вечер под раководство на диригентката Бисера Чадловска, како и женскиот балетски ансамбл и оркестар од НОБ. Веќе редовни на фестивалот се Вечерите на Музичката младина со камерниот оркестар „Саша Николовски Ѓумар“, тука е и вечерта со музиката на македонскиот композитор Томе Манчев, со нсатапите на Весна Анѓеловска, Маја Шутевска, Љубиша Кировски, Марјан Милошевски, Горан Начевски, Елена Атанасовска, Антоние Весковски, како и уште многу ексклузивни уметнички имиња

Селекторката Стојанова потсети на големиот интегритет и врвниот квалитет што го ужива „Охридско лето“, и оттаму програмата била составувана во таа насока.

– Независно специфичната состојба и сите пропратни ризици програмата ја правев следејќи ја мојата единствена цел и должност кон уметноста, како и мојот професионализам односно да се задржи и подигне уште повеќе квалитетот на фестивалот. Ги поканив најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, па и преку океан, со една единствена мисија, за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време, истакна таа.

Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи. На програмата се претставите „Сестрите прозорови“ на Чехов, во изведба на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, Драмски театар ја носи претставата „Чудесна терапија“, претставата „Човек, ѕвер и доблест“ со Театар Комедија, премиерата „Полковникот Птица“ на Народниот театар од Гостивар, преставата за деца на Театар за деца и младинци „Јованче и Марика“, а затворањето на Фестивалот е резервирано за изведбата на „Бог на масакрот“ на Турскиот театар од Скопје кој годинава слави 70 годишен јубилеј.

Селекторот на драмската програма Александар Поповски во видео-пораката пред јавноста истакна дека токму со одржувањето „Охридско лето“ во овие нови околности покажува колку е важна уметноста, колку е важна културата.

– Едноставно е човек да се откаже, многу потешко е да се направи она што ние сега ќе го направиме. Самата драмска селекција преживеа различити промени во однос на тоа како се менуваше самата ситуација…Во игра беше „Бург“ театарот од Виена, Националниот театар од Будимпешта, Југословенско драмско позориште и како се менуваше целата ситуација се обидувавме да следиме и во рамките на тие протоколи да пробаме да го направиме најдоброто. Како резултат на тоа е оваа програма која е направена од театри од нашата држава, рече Поповски.

Инаку, на прес-конференцијата беше појаснето дека реализацијата на фестивалската програма сите концерти и театарски изведби ќе се одвиваат според строго утврдените протоколи и мерки дадени од Комисијата за заразни болести и насоките на Министерството за култура. Тоа значи едно поинакво издание во организациска смисла на зборот но по квалитетот на изведувачите на ниво на богатата фестивалска историја со која Охридско лето гордо се претставува во светот.

Во рамките на јубилејното одбележување на годинешното издание оваа година ќе биде промовирана и монографијата „Фестивакска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева -Ангеловска.

– Достојно за големината на Фестивалот со оваа публикација трајно ќе ја сочуваме богатата историја на нашата најголема музичко сценска манифестација. Овој голем јубилеј, 60 години врвна уметност, го отсликавме и на идејното решение за рекламниот материјал изработено од маркетинг агенцијата „Идеа плус, потенцира директорката Поповиќ.

Фестивалот „Охридско лето“ ќе се одржи под покровителство на претседателот на државата, со поддршка на Владата преку Министерството за култура, потпомогнат од Општина Охрид и финансиска помош на бројни спонзори и општествено одговорни стопански субјекти.

Back to top button
Close