Концертна промоција на Најголемите Хитови на ПМГ Колектив во сабота во МКЦ
ПМГ Колектив е веројатно најпродуктивниот македонски музички состав од почетокот на овој век. Девет студиски албуми, четири компилации, неколку пати музика за филм и театар, неброено синглови, ремикси, обработки. Дискографијата која деновиве е збогатена со двојното винил издание под име “Најголемите Хитови”, кое може да се набави и дигитално на нивната бенд-кемп страна на интернет (https://pmgrecordingsk.bandcamp.com/album/pmg-kolektiv-greatest-hits-pmgr205)
Токму една од главните карактеристики на ПМГ Колектив е способноста да напишат песна која ќе го задржи и насочи вниманието на публиката. Тоа се тие хитови: Скопјанка, Манекенки, 80Ти, 90Ти, Ти си мојот Свет, Луѓе од Градови… само некои од песните кои маѓепсаа неколку генерации и неповратно се втиснаа во современиот урбан скопски (и македонски) фолклор. Деновиве излезе и најновата верзија на легендарната Скопјанка, цели дваесет години подоцна и уште првиот ден предизвика бура позитивни реакции на социјалните мрежи.
Промотивниот концерт, со кој достојно ќе го одбележи ова капитално остварување, бендот ќе го отсвири во проширена форма и вистинска современа музичка атракција, под името ПМГ КОЛЕКТИВ ОРКЕСТАР: Синиша Евтимов – гитара, Александар Гавровски – бас, Мирко Попов – вокал/машина, Владан Дробицки – тромбон, Марија Каева – вокал/синтисајзер, Дино Милосављевиќ – тапани, Васко Бојаџиски – саксофон, Павел Дробицки – бас. Вистински музички дрим тим кој гарантира врвно музичко искуство.
Концертот ќе се одржи во сабота, на 8-ми април, во Младински културен центар, Скопје, во Денсинг салата. Атмосферата ќе ја загрее извонредниот дебитант на македонската музичка сцена, фантастичниот Аудиоцигла. Вратите ќе бидат отворени точно во 21 часот. Билетите можат да се набават на билетарата на МКЦ, по цена 400 денари.