Кондарко: Гласањето тече во најдобар ред, до девет часот одѕивот 2,88 проценти

Одѕивот на вториот круг од локалните избори до 9 часот е 2,88 отсто, а гласале 22 379 граѓани, објави на прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко.
– Гласачките места се навреме и уредно отворени, гласањето тече во најдобар ред. Постапката се одвива уредно, немаме никаков проблем досега со изборниот материјал ниту со постапувањето на избирачките одбори, рече Кондарко на прес-конференција.
На ниво на град Скопје за избор на градоначалник одѕивот е 2,46. По општини, до 9 часот најголема е излезеноста во Пробиштип 9,5, по што следуваат Лозово 8,36, Ранковце 8,12, Демир Капија 7,16, Дојран 6,78, Росоман 6,28, Зрновци 5,67, Брвеница 5,33, Чучер Сандево 5,32, Македонска Каменица 5,01, Македонски Брод 4,97, Дебарца 4,63, Неготино 4,52, Валандово 4,46, Могила 4,39, Долнени 3,87, Кочани 3,13, Тетово 2,51, Студеничани 2,26, Куманово 2,13, Боговиње 1,83, Дебар 1,45 отсто.
Во скопските општини излезеноста во Кисела Вода изнесува 3,54, Карпош 3,08, Аеродром 2,78, Центар 2,84, Бутел 2,50 , Ѓорче Петров 2,42, Гази Баба 2,26, Шуто Оризари 1,6, Чаир 1,1 и Сарај 0,72 отсто.
Кондарко соопшти дека во Дојран на избирачкото место 0385 поради технички проблем со смарт картица на уред за биометриска идентификација имало мал застој, но проблемот е решен и гласањето тече непрекинато.
На новинарско прашање, дали има пријави за нарушување на изборниот молк рече дека официјална претставка не е пристигната, но бидејќи е изборен молк и ДИК мора да внимава што зборува во тек на молкот по завршување на гласањето ќе ги соопшти сознанијата и законските можности што и стојат на располагање за евентуално постапување.
Кондарко најави дека во текот на денов ДИК ќе посети определени избирачки места и општински изборни комисии по сопствена проценка и без претходна најава со цел да го набљудува текот на изборите. И по 19 часот тимови на ДИК ненајавено ќе бидат на определени места каде ќе го набљудуваат и броењето на гласовите, со цел поголема транспарентност и увид во работата.

Останува препораката на ДИК дека на процесот на броење може да биде присутен целокупниот состав на избирачкиот одбор.
– ДИК и во текот на денов е во постојана комуникација со Комисијата за следење на изборниот процес од Јавното обвиителство од превентивни причини ако има каква било потреба уште во текот на гласањето или броењето ќе го известуваат. ДИК ќе го достави и доверливиот изборен материјал доколку се јави потреба.
Како што соопшти претседателот на ДИК, вчера од вкупно пријавени 4826 болни и немоќни гласале 3327, во затворите 588 од 1256 пријавени, а во старските домови од 214 гласале 125 лица. Резултатите ќе се бројат денеска по завршувањето на гласањето во останатите избирачки места.

Во вториот круг на локалните избори денеска се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје на 1771 избирачки места. До 19 часот правото на глас можат да го искористат 1 013 375 гласачи, меѓу кои и 474 304 избирачи во Градот Скопје.
Следната прес-конференија на ДИК е во 11:30 часот. Првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот, а ококу 23 часот ќе се одржи прес-конференција.






