Кондарко: Нема значително зголемување на бројот на независни кандидатури за локалните избори и покрај кандидирањето со само два потписа

Времето покажа дека нема значително зголемување на бројот на пријавени кандидатури од независни листи, рече претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, вечерва во интервју за „360 степени“ на МРТ.

Кондарко посочи дека споредено со минатите локални избори што се одржаа во 2021 година, разликата во бројот на поднесени листи е минимална. Во 2021 година имало 27 политички партии, 7 коалиции и 91 независна листа од група избирачи, а сега има 22 политички партии, 19 коалиции и 119 поднесени листи.

– Значи сè уште оперирам со терминот поднесени листи, во текот на денот ќе се објави бројот на потврдени листи. Значи, има некое зголемување кај бројот на коалиции затоа што најголемите партии, на пример, СДСМ има четири различни коалиции, четири субјекти. Во ВМРО-ДПМНЕ има 11 различни коалиции, со различни партии настапуваат во различни општини и сето тоа се одразува на бројот на учесници како бројка на субјекти. Секоја коалиција е посебен субјект со посебен даночен број и трансакциска сметка, рече Кондарко.

Според претседателот на ДИК, вкупните бројки се многу слични со оние на минатите локални избори.

– Во 2021 година за градоначалник имало поднесено 297 листи, за советници 559. Сега, во 2025 година, бројот на поднесени листи за градоначалници е 312, а број на поднесени листи за советници е 575, вели Кондарко.

Тој појасни дека во текот на минатата недела траела законската процедура на проверка на целокупната документација за исполнетост на условите на поднесените листи, а најмногу време како што рече одземала проверката од судовите за издавање уверенија за неосудуваност.

Кондарко соопшти дека во пресрет на локалните избори склучиле рамковна спогодба во висина од околу 800 илјади евра за изработка и печатење на доверлив и недоверлив изборен материјал и избирачки список.

– Рамковната спогодба е до 48 милиони денари. Меѓутоа, тоа зависи од тоа во колку општини ќе има втор круг и во зависност од таквите трошоци, ќе се димензионира. Проектирано е како секаде да ќе има втор круг, но претпоставуваме дека тоа не е логично, така што, овие трошоци би биле нешто пониски од проектираното и би се движеле негде во рамките на минатите изборни циклуси, можеби и малку помалку од тоа, рече Кондарко.

Back to top button
Close