Кондоми – инструменти за игри на моќ

По сексуалниот однос со Зејн, Арабела сфаќа дека тој во меѓувреме го извадил кондомот. Отпрвин, исфрустрирана и збунета, таа подоцна разбира дека е измамена на таков начин, што немала ни секунда време да разбере дека била злоставена.

Ова е само еден дел од широкиот опсег на сексуални злоставувања што Мекејла Коел ги опфаќа во нејзината ТВ Серија „Можe да те уништам“ (I may destroy you) што беше главната тема на разговор на 73-тото доделување на Еми наградите. Она што ова серија јасно го има за цел е да ги принуди гледачите да го искусат широкиот опсег на сексуалните злоупотреби вклучувајќи ја и онаа најсуптилната – стелтинг.

Стелтинг (stealthing) е неконсензуално отстранување на кондом, со други зборови, скришно отстранување или оштетување на кондомот за време на сексуален однос без согласност и знаење на партнерот/партнерката.

Коел покажува дека овој чин не секаде се смета за злоставување, туку варира во зависност од културата и земјата. Како што главната протагонистка на серијата Арабела нагласува, додека стелтинг се смета за силување според британскиот закон, во Австралија е „налик силување“(a bit rapey). И покрај тоа, вистинската последица не е секогаш јасна.

 

Отпорност кон употреба на кондоми и видови тактики

 

Стелтингот како пракса на намерно отстранување на кондомот без знаење на партнерот историски прват се обработува во контекст на геј заедницитe, каде користењето на кондоми и комплексноста на сексуалните односи се поврзани со ризикот од ширење на ХИВ вирусот. Па така, од квир перспектива, овој феномен има богата историја и многу аспекти за дискусија. Сепак, оваа пракса постои и кај хетеро-сексуалнте односи. Жените сè почесто стануваат жртви на овој феномен кој за многу мажи е последната шанса за некористење на кондом, кога нивната партнерка сака заштитен сексуален однос.

Имено, хетеросексуалните мажи често одбиваат и избегнуваат да користат кондом при сексуален однос со својата партнерка. Згора на тоа, ако нивната партнерка сака да користи кондом, голем дел од нив користат разни тактики, за што постојат и цели интернет форуми, за да ги наведат своите партнерки кон незаштитен секс, иако и самите се свесни дека таа пракса претставува голем ризик за неговото здравје и здравјето на партнерката. Докажано е дека мажите почесто пробуваат да избегнат користење на кондоми, отколку нивните партнерки на разни начини (Black, 2011). Една студија спроведена во Австралија тврди дека една од три жени се жртва на стелтинг. (Латимер и др., 2018).

Во очи на порастот на овој феномен, веќе можеме да зборуваме за терминот Oтпорност кон употреба на кондом (Condom use resistance), што се однесува на успешни обиди да се избегне употреба на кондом во сексуални односи со партнер/ка која сака да користи кондом (Davis, 2014).

Мажите користат различни тактики на отпорност кон употреба на кондом кои можат да се категоризираат како принудни или не-принудни. Принудните тактити се јавуваат кога се користат агресивни или манипулативни дејствија за да се избегне употреба на кондом со партнерка која сака да користи кондом. Примери на принудна стратегија се: заведување (возбудување на нивната партнер/ка при што би се согласила да не користат кондом), емоционална манипулација (на пример, предизвикување чувство на вина кај партнерката на употребата на кондом), вербално убедување дека не постои ризик (на пример, уверување дека нема СПИ), и закани (на пр. заканување дека партнерката ќе наштети ако инсистира на употреба на кондом), дури и прикриено оштетување или отстранување на кондомот.

Примери на непринудни тактики, од друга страна, вклучуваат намалена чувствителност (на пример, инсистирање на партнерката дека сексот не е толку пријатен со кондом), немање доволно финансиски средства и директно барање (на пример, јасно да се наведе дека не сака да користи кондом).

Слично на сексуалната принуда, принудните тактики се разликуваат од непринудните по тоа што вклучуваат закана од несакан исход (на пример, психолошки, релациски или физички), што има за цел да ја спречи способноста на партнерката да направи информирана и консензуална одлука.

 

 

Но, зошто ова се случува?

 

 

Феноменот за кој овде станува збор е проблем на глобално ниво и е непријатна и опасна ситуација со која во хетеро сексуалните односи, најчесто се соочуваат и ги сносат последиците девојките.

Не требаше да барам подалеку од мојот круг на пријателки за да добијам јасна слика колку е всушност отпорноста кон користење кондом нормализиран дел од сексуалната комуникација и култура. Повеќето од девојките со кои зборував, при вакви ситуации добивале конкретни и директни одговори како: Абе кој користи тоа денес, Не ми е природно, Ми се спушта кога ќе стаам, Знам да се контролирам бе, уживај, Не е тоа-тоа со кондом, Што праиш со мене тогаш ако мислиш дека ќе ти пренесам нешто, и  слични варијации.

Поголемиот дел од нив прифатиле да не користат кондом, само за да избегнат непријатна ситуација или од страв да не бидат одбиени.

Одовде, се наметнува клучното прашање: Зошто мажите го прават ова?

Убедувањето да не се користи кондом и тактиките што се употребуваат не се опасни само заради високиот ризик на преносливи болети и несакана бременост, туку зашто целосно ја одземаат контрoлата и можноста за одлука и согласност од рацете на жените. Стелтингот буквално ја злоупотребува согласноста на партнерката, но бидејќи е нешто нормализирано, жртвите најчесто го минизираат искуството.

Една од најчестите причини е тврдењето дека сексот за нив е подобар без кондом. Но, јасно е дека не се работи само за претпочитање или задоволство. Дури и кај „стелтерите“ кои ги вадат кондмите поради поубавото чувство, нивните дејствија најчесто се поврзани со прикриена мизогинија. Без разлика на причините, тактиките за некористење на кондом се себични чинови на воспоставување контрола, моќ и сопствеништво на телото на нивната партнерка. (Бродски, 2017). Задоволството од овие чинови е користењето на таа моќ врз своите партнерки, правејќи нешто за што тие не дале согласност.

Застрашувачки е фактот што хетеросексуалните мажи свесно би го ставиле под ризик своето здравје и здравјето на партнерката поради поголемо задоволство. Иако повеќето сексуално преносливи инфекции кај мажите се асимптоматски, истите кај жените се симптоматски и можат да доведат до трагични последици. (CDC, 2011), Тоа е енормно важен факт што многу мажи го занемаруваат.

Стелтингот во многу држави веќе се смета за сексуално злоставување, но за жал, не секаде, вклучувајќи ја и Македонија. Фактот што горенаведените тактики се сметаат за нормални најмногу се должи на недостатокот од, или лошо сексуално образование, недостатокот од отворена комуникација за овие прашања, како и дискрепанцата во сексуалната моќ кај хетеросексуалните парови. Без разлика дали квир или хетеро, кога оној што треба да користи презервативи пробува да го избегне истото со разни набедувања или без согласност на партнерката/партнерот, тоа e де факто неконсензуален сексуален однос. Очигледно е дека овој феномен воошто не е нов, но ретко се дискутира, а сериозноста и можните послеици не се доволно нагласени. Баш затоа, повеќе од неопходно е да се развие свеста за овој проблем кон појаснување дека какво било прекршување на согланоста и довербата на партнерката/партнерот за време на сексуален однос е грда игра на моќ и не смее да се смета за вообичаена и прифатлива пракса при сексуален однос.

 

Наталија Станојевиќ

извор: Медуза

 

 

 

Текстот на авторката е напишан како дел од обуката „Од мое гледиште“, којашто се одржа од 1 до 13 јуни, во рамките на фестивалот Прво па женско #9. Обуката беше организирана во соработка со феминистичката платформа Медуза.

 

Библиографија:
Abramson PR, Pinkerton SD. (2002) With pleasure: Thoughts on the nature of human sexuality. New York: Oxford University Press.

Albarracín D, et al. (2000). Structure of outcome beliefs in condom use. Health Psychology.

Black DS, Sun P, Rohrbach LA, &Sussman S (2011). Decision-making style and gender moderation of the self-efficacy-condom use link among adolescents and young adults: Informing targeted STI/HIV prevention programs.

Centers for Disease Control and Prevention (2011).10 Ways STDs Impact Women Differently from Men.

Chibbaro Lui (2017) Gay men, straight women hit by ‘stealthing’: Washington Blade. 

Davis KC, Schraufnagel TJ, Kajumulo KF, Gilmore AK, Norris J, & George WH (2014). A qualitative examination of men’s condom use attitudes and resistance: “It’s just part of the game”. Archives of Sexual Behavior.

Davis J.L (2004).Many Men Don’t Use Condoms: WebMD,

Davis et all. (2013). Young Men’s Condom Use Resistance Tactics: A Latent Profile Analysis.

Latimer et al. (2018) Study Suggests ‘Stealthing’ – Non-Consensual Condom Removal – a Common practice: Monash University. Melbourne.

Mateo. (2019). Stealthing Is a Dangerous Type Of Sexual Abuse – Here’s What You Need To Know About It. 

Back to top button
Close