Кондовски: Ќе бидам градоначалник на сите граѓани, секогаш отворен и достапен за комуникација

Почитувани битолчани,
Огромна чест и задоволство ми е што вечерва можев да почуствувам огромна поддршка за мојата и визијата на битолчани на поубава Битола.
Од мое и од име на кандидатите за советници, за силната поддршка која вечерва ни ја изрази му се заблагодарувам на претседателот на СДСМ и Премиер Зоран Заев, на почитуваните колеги идни градоначалници, на сите кои дадоа поддршка на караванот #Најдоброто, кој во Битола вечерва донесе победничка атмосфера!
Почитувани,
Битола е местото каде што израснав. Тука се огништата на моите предци. Битола е мојот дом, дом на моите три деца, на моите пријатели, сограѓани. Таа ме изгради во семеен човек и успешен менаџер.
Повеќе од деценија се борам во конкурентно економско опкружување, а следните 4 години ќе дадам се од себе заедно со граѓаните Битола да ја направиме модерен урбан дом за сите генерации!
Да се биде битолчанец, не е само привилегија, туку аманет да ја унапредиме нашата Битола во сите области на општественото живеење.
Лично сум подготвен да го вложам најдоброто од себе, да го инспирирам најдоброто во сите нас – заедно, чекор по чекор, да го оствариме најдоброто за нашата Општина!
Ќе бидам градоначалник на сите граѓани, секогаш отворен и достапен за комуникација!
Им честитам и им се заблагодарувам за досегашниот домаќински ангажман во Општината и на градоначалничката Наташа Петровска и актуелните советници. Создадоа одлична основа за идниот развој на Битола.
Драги битолчани,
Битола ја замислувам како развиена и перспективна Општина во која вреди да се живее, да се работи и создава, тука да се основа семејство, да се твори и спокојно да се старее.
Град полн со живот, чист и раздвижен, економски развиен, урбанистички современ, инфраструктурно обновен. Привлечна туристичка дестинација, кој пулсира во духот на културата и забавата.
Битола во која спортот и рекреацијата се секому на дофат, а спортските клубови – национална гордост. Посебно место во мојата визија има ФК Пелистер кој сега е во незавидна ситуација. Но, ветувам дека за многу скоро ќе се најде во рацете на сериозен инвеститор со кој Пелистер ќе го однесеме на европските терени! ФК Пелистер ќе биде и битолска и национална гордост, а Чкембарите горди навивачи!
Тоа е мојата визија, тоа е нашата визија, а за истата е изработена досега најдобрата локална изборна програма. Најдобра е затоа што извира од реалните потреби на граѓаните и потребата за севкупен локален развој, не само на градот туку и на руралните области во нашата Општина.
Вечерва ги претставив 10-те топ проекти кои јасно ја отсликуваат визијата за поубава Битола со нов сјај!
Ќе го ослободиме севкупниот општински потенцијал преку изработка на нов ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН како услов за економски развој и просперитет на Битола.
Токму на местото од каде се обратив вечерва, на плоштадот Гоце Делчев, после 4 години ќе стоиме над подземна сообраќајница и подземна гаража. Плоштадот Гоце Делчев ќе добие нов лик, а Широк Сокак ќе стане континуирана пешачка зона.
Битола ќе биде ВЕЛОГРАД! Ќе изградиме ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА која ги поврзува сите големи улици во градот и булеварот 1-ви Мај, се до рекреативниот центар Ниже Поле и националниот парк Пелистер.
Ќе извршиме модернизација и реконструкција на трите ГРАДСКИ СООБРАЌАЈНИ ВЛЕЗОВИ – На сам влез ќе се знае дека станува збор за прекрасен и модерен град!
Ќе го забрзаме локалниот индустриско-економски развој преку обнова и изградба на локалната ИНДУСТРИСКА АРТЕРИЈА која ги опфаќа улица „Индустриска“ и „Индустриски пат“. Битола ќе добие голем МУЛТИФУНКЦИОНАЛЕН СПОРТСКИ ЦЕНТАР со фудбалско, кошаркарско и тениско игралиште, затворен базен и аква парк.
Во соработка со Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола, каде ја стекнав целата моја наобразба, ќе формираме ТЕХНОЛОШКИ ПАРК. Преку него младите ќе ги реализираат своите бизнис идеи помогнати со финансиска, кадровска и административна поддршка.
Битола ќе биде ЗЕЛЕН ГРАД! Ќе ги зголемеме зелените градски површини за 30%! Ќе ги развиеме зелените површини на ТУМБЕ КАФЕ и ќе никнат многу нови детски паркови. Ќе следуваат СУБВЕНЦИИ за енергетски ефикасни фасади, велосипеди, плински уреди за возила, како и за набавка на хибридни или електрични возила.
Во концептот Битола Зелен град одлично се вклопува планираната ГАСИФИКАЦИЈА и ТОПЛИФИКАЦИЈА со кои ќе бидат опфатени првите индустриски капацитети и 35 јавни објекти. Верувајте, тоа ќе биде голем чекор кон заштитата на локалната животна средина од аерозагадувањето.
Битола не би била Битола без современ ски центар. Токму затоа СКИ ЦЕНТАРОТ НИЖЕ ПОЛЕ ќе добие современа опрема за заснежување и правење на вештачки снег, а ќе се заменат и трите СКИ ЛИФТОВИ со нови! Ќе се скија и кога нема снег!
На задоволство на најмладите и нивните родители ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ќе биде целосно модернизирана и просторно проширена, а нејзиниот животински фонд ќе се зголемен за 20%.
Токму овие проекти, проследени со десетици други содржани во програмата драстично ќе го подигнат нивото и стандардот на нашето локалното живеење.
Но, не ви го ветувам само тоа, туку и целата моја енергичност, знаење, храброст и менаџерско искуство кои ќе бидат во функција на неколкукратно зголемена продуктивност на Општината.
Ќе се работи со полна пареа! Нема повеќе „нема или не можи“ – за се што е во рамките на законот, а е надлежност на општината. Нема и не смее да има задоцнати решенија за градба, зафрлени документи. Долгогодишната легализација на објектите драстично ќе се забрза. Не смее да има неуслужен граѓанин.
За сето ова да ме држите за збор! Оние кои добро ме познаваат, знаат. Тоа што ветувам – тоа го исполнувам!
Кај мене, зборот е збор!
Почитувани мои сограѓани,
Со заедничката визија, со посветено и домаќинско работење ќе обезбедиме Битола да прерасне во економски просперитетна средина, општина со силни локални институции, високи еколошки стандарди, развиена културна и спортска сцена.
Заедно со носителот на советничката листа и кандидатите за советници ќе го посетиме сечиј дом, ќе разговараме со секого од вас, барајќи ја вашата доверба, за токму тоа – НАЈДОБРОТО!
За бројот 12!
Најдоброто за сегашните и идните генерации,
Најдоброто за сите оние Битола ја сакаат со срце и душа,
кои никогаш од неа не се откажале,
кои тука останале и вредно ја граделе…
Најдоброто за сите нас,
Најдоброто ЗА НАШАТА БИТОЛАА!!
Да сте ми живи и здрави!
Да ни е Вечна Битола!!

Back to top button
Close