Кондовски од Битола ќе прави град на иднината

Битола е град со огромен неискористен потенцијал. Можеби досега немало доволно храброст за крупни потези и визија – во какво место сакаме да го претвориме нашиот дом. Имам идеи со кои заедно ќе го направиме ова преубаво парче земја на југозападот од нашата Македонија, многу подобро место за живеење, рече кандидатот за градоначалник на Битола, Христо Кондовски.

– Ќе создадеме општина во која вреди да живееш, да работиш и создаваш, тука да твориш и да основаш семејство, спокојно да старееш. Битола ќе ја направиме град на иднината. Битола ќе прерасне во чист и раздвижен регионален центар, економски развиен, урбанистички современ и инфраструктурно обновен град. Привлечна туристичка дестинација, која пулсира во духот на културата и забавата. Град полн со живот.., оти животот е само еден и нема реприза. Битола во која спортот и рекреацијата се животен стил, а спортските клубови се национална гордост. Како? Еве Вака… Првенствено Битола мора да добие нов ГУП и ДУП-ови кои ќе го ослободат развојниот потенцијал. Тоа значи дека точно ќе знаеш каде и што можиш да градиш и развиваш, без да минуваат години – рече Кондовски, додавајќи дека општинскиот развој во голема мера е условен од административниот застој.

Тој постави и неколку прашања.

– Колку месеци, ако не и години се чека да се донесе нов ДУП? За колку време се добива одобрение за градење? Колку брзо се решаваат предметите за легализација? Одговорот го знаеме сите, а тоа мора да се промени! Најавувам нов систем на работа кој ќе резултира со брзо решавање на секој поднесен предмет во општината, без задоцнување. Општината мора да работи во интерес на граѓанинот, затоа што таа постои за него, а не обратно – рече Кондовски.

Тој вети дека Битола ќе стане хуман град кој преку модерен сообраќаен развој, наместо автомобилите, во фокусот го става човекот.

– Битола ќе прерасне во град по мерка на човекот и на планот на зелената агенда, каде зелените содржини се зголемуваат, а гасификацијата и топлификацијата се веќе на пат. И не само тоа! Потребни се сериозни чекори – подземна сообраќајница со подземна гаража, велосипедска патека, инфраструктурна обнова во иднустрискиот дел на градот, технолошки парк за развој на иновативни бизнис идеи, грандиозен спортски и модерен ски центар, модернизирана и проширена зоолошка градина на Тумбекафе – рече тој.

Кондовски додаде дека ова и уште многу повеќе, содржано во неговата визија, е потребно за Битола да стане Велеград.

– Се прашуваш дали е можно? Дај ми шанса, а јас ќе го докажам тоа со дела. Можеби ќе помислиш дека ова е само предизборен политички спот, но јас не сум политичар, туку човек од народот подготвен да ти служам тебе. Знам и умеам како и имам желба и голема енергија за тоа – рече Кондовски.

Тој посочи дека влегол во оваа политичка авантура затоа што, како што вели, кожа не го држи да седи настрана додека времето минува, а Битола ни чекор не мрднала напред.

– Сакам најпродуктивните години од мојот живот, заедно со тебе, да ги посветам во изградба на иднината во која живемее ние, а уште долго ќе живеат нашите деца и внуци – рече Кондовски.

Тој ги повика гласачите масовно и обединети во недела да излезат и да го дадат својот глас за прогресот на Битола.

Back to top button
Close