Конект: Донирани 445.000 денари за поддршка на три организации

Преку 60 граѓани и компании донираа 445.000 денари за иницијативи што долгорочно ќе ја унапредат благосостојбата на граѓаните и заедниците, на онлајн донаторскиот кружок што во организација на Здружението Конект се одржа под мотото „Да донираш е љубов“.

Донациите се за Здружението за дислексија „Ајнштајн“ од Скопје за воведување на „Невро-баланс“ програмата за деца којашто на децата со дислексија ќе им овозможи да читаат без мака, за Здружението Рурална коалиција од Куманово за отворање на првиот онлајн пазар на земјоделски производи што ќе им овозможи на 200-300 жени-земјоделки и нивните семејства да заработат приход, а на граѓаните здрава храна достапна за сите и за Здружението Доброволното пожарникарско друштво од Свети Николе коишто во последните години изгаснале над 300 пожари, за да изградат гаража за противпожарните возила и да продолжат да ги спасуваат нашите животи и домови.

Организацијата соопшти дека на донаторскиот кружок учествуваа повеќе од 150 граѓани, кои испратиле порака на солидарност, со надеж и позитивна енергија за подобра следна година. На настанот се вклучија и компаниите Пивара Скопје, Тинекс и ЕВН.

-Донаторскиот кружок е заедница на граѓани што донираат не само хуманитарно, туку и за постигнување на долгорочна промена во нашите заедници. Пандемијата не натера да размислиме за вредностите и приоритетите што ги имаме како граѓани и како општество. Ни укажа на неопходноста од солидарност и дека само заеднички  може да изградиме подобро утре. А, токму тоа се вредностите што ги негуваме во донаторскиот кружок, истакна Никица Кусиникова, од Здружение Конект.

Настанот покажа дека средствата коишто секој поединец може да ги издвои како донација претставуваат моќна алатка кога заеднички се насочуваат. Здружените донации помагаат во вистинско решавање на проблемите, а не само во санација на горливите прашања во општеството. Здружението Конект упати благодарност до сите граѓани и компании коишто донираа и го поддржаа донаторскиот кружок.

Конект во следниов период ќе потпише договор за донација со организациите и ќе го следи нивното работење, а со донаторите ќе одржува редовна комуникација и ќе ги информира за реализацијата на нивната донација.

До одржувањето на следниот настан сите заинтересирани донатори граѓани се повикуваат да пристапатна донаторскиот кружок, да побараат совет директно во Конект или на [email protected] за тоа каде паметно да ја вложат својата донација.

Донаторскиот кружок е поддржан од програмата Цивика Мобилитас која го поддржува годишниот план за работа на Конект.

Back to top button
Close