Конфискацијата на замрзнатите руски средства би била нелегална, тврди директорката на „Еуроклир“
Европската Унија треба да престане да врши притисок врз „Еуроклир“ и Белгија за користење на замрзнатите руски средства за исплата на поддршка за Украина, изјави извршната директорка на бриселскиот депозитар „Еуроклир“, Валери Урбен за францускиот весник „Монд“.

– Постојат закони. Во зависност од законската рамка, ние ќе одлучиме што можеме и што сме спремни да направиме, изјави Урбен, оценувајќи дека евентуалната конфискација на руските суверени средства што се замрзнати во земјите членки на ЕУ би била нелегална и би ја ослабнала Европа.
Европската комисија предложи т.н. заем за репарација, со кој предлог се предвидува искористување на 140 милијарди евра од замрзнатите руски средства во ЕУ за исплата на кредит на Украина за задоволување на нејзините финансиски потреби за 2026 и 2027 година. Согласно предлогот, Украина би ја вратила оваа позајмица откако Русија би и исплатила репарации за штетите предизвикани за време на руската инвазија врз земјата.
На последниот Самит на ЕУ, кон крајот на минатиот месец, ваквиот предлог на Еврокомисијата го поддржаа сите земји членки на Унијата, освен Белгија.
Белгиската Влада тврди дека користењето на овие средства би можело да го нарушил угледот на Белгија како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства во земјата, а изразува загриженост и околу легалноста на таквата постапка.
Во „Еуроклир“ се наоѓаат најголемиот дел средства во сопственост на Русија или нејзини државјани, кои беа замрзнати во ЕУ како одговор на руската агресија врз Украина во 2022 година или околу 193 милијарди евра. Од нив, речиси 180 милијарди евра се суверени средства во сопственост на Централната банката на Русија, а дополнително уште околу 25 милијарди се замрзнати во други земји членки на ЕУ, пред се Германија, Франција и Луксембург.
Урбен во интервјуто за „Монд“ истакнува дека „Еуроклир“ е подготвен да преземе и правни мерки за да го блокира секој обид на Европската комисија или Советот на ЕУ за конфискација на замрзнатите руски средства што се наоѓаат во неговиот трезор.
Таа вели и дека за ваквиот предлог не била информирана од Европската комисија или од германскиот канцелар Фридрих Мец, кој прв ја најави таквата можност, туку за тоа прочитала во „Фајненшал Тајмс“.
Според Урбен, покрај Белгија и претставници на други земји изразиле загриженост од последиците од евентуалната конфискација на овие средства, стравувајќи дека тоа би можело да ги поттикне меѓународните инвеститори да ги намалат вложувањата во Еврозоната, што би имало негативно врз сите финансиски потреби на Европа. Белгија бара гаранции од земјите членки за споделување на заедничка финансиска и правна одговорност за евентуално користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина, но засега, според Урбен, тие не одговараат на ваквите барања.
– Овие земји молчат, вели раководителката на „Еуроклир“, каде се депонирани околу 42.500 милијарди евра средства.
Инаку, користењето на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина беше тема и на средбата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со белгискиот премиер Барт де Вевер во петокот попладне. По едночасовната средба ниту една од страните не излезе со соопштенија за детали од разговорите.






