Конгрес на ЛДП – 25 години заложба за демократија, слобода и човекови права

 

Под мотото „Обединето, храбро, гласно!”, ЛДП попладнево го почна осмиот конгрес на кој членството треба да го избере новиот партиски претседател.

Конгресот почна со интонирање на македонската химна, а прв пред присутните се обрати претседателот на Либералната мрежа на Југоисточна Европа и поранешен министер за одбрана на Словенија Роман Јакиќ. По него зборуваше Лилјана Танги, членка на движењето „Напред!” и пратеничка во Националното собрание во Франција, додека преку видео-конференциска врска порака испрати и претседателката на Либерална Интернационала, Хакима Ел Хаите. Обраќање имаше и европратеникот и копретседател на партијата АЛДЕ Илхан Ќучу.

На крајот од официјалниот дел на конгресот се обрати и се уште актуелниот претседател на ЛДП Горан Милевски кој седум години беше на чело на партијата. Милевски за својот посебен придонес доби благодарница која му беше врачена од Зоран Шапуриќ.

 

Милевски му се заблагодари на членството за досегашната соработка. Рече дека во 2015 година наследил партија која 12 години била во длабока опозиција, партија со блокирана сметка и во долгови.

-Се боревме и успеавме да ја донесеме ЛДП заедно со оваа коалиција на власт и еве веќе шест годинии успешно ја практикуваме власта. Денес сме вадејачка партија со министер, пратеници и неколку директорски позиции, партија која по 10 години настапи самостојно на локалните избори и имаше одлични резултати. ЛДП ја вративме и во европското либерално семејство. Но, нашата битка е делумно остварена, земјава стана членка на НАТО на што сум особено горд зашто ЛДП беше дел од оваа приказна. Останува уште Моника, во која искрено верувам, да го заврши процесот на преговори со ЕУ. Нема да биде лесно. Треба сите да го смениме начинот на размислување зашто реформите не значат само промена на закони, туку бара од нас и промена на начинот на размислување и делување, порача Милевски.

На конгресот се очекува за нов партиски лидер да биде избрана Моника Зајкова. Присутни се многу домашни и странски гости, а пред неговото одржување, беше организирана регионална либерална конференција „QVO VADIS EVROPA 2022? Поттикнување на проширувањето и интеграцијата на ЕУ”. Од конференцијата беше испратена порака дека земјава нема друга алтернатива, освен членството во ЕУ, како и дека тој пат бара многу работа, но носи и големи придобивки.

Back to top button
Close