Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски влегува во зенитот на моќта


Соња Крамарска
Аналитичарите не предвидуваат суштински промени по денешниот конгрес и очекуваат да биде потврдена тврдата линија за уставните измени. Постои загриженост и дека конците во партијата ќе ги влече само една личност.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска (6.12) во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти конгрес. Партијата соопшти дека конгресот е ново поглавје во политиката која, како што е нагласено во партиското соопштение, треба да обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.

Мицкоски по третпат на чело на партијата – очекувања и предизвици

Централно случување на конгресот е изборот на премиерот и партиски лидер Христијан Мицкоски по третпат на кормилото на партијата. Мицкоски со третиот мандат влегува во зенитот на моќта, бидејќи преку овој избор ќе ги зајакне своите позиции и ќе добие широк маневарски простор за натамошните потези во извршната власт.

Но и покрај тоа, аналитичарите со кои разговараше ДВ не прогнозираат суштествени промени во правецот на дејствувањето на партијата и на Владата, и оценуваат дека не се исполнети ветувањата од минатогодишните избори. Притоа предупредуваат дека неисполнетите ветувања ќе водат кон намалување на довербата во ВМРО-ДПМНЕ.

Професорката на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и политиколог д-р Бојана Наумовска вели дека клучните прашања за кои Мицкоски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата на парламентарните избори беа правната држава, реформите во судството и борбата со корупцијата.

„Во овој дел не се променети многу состојбите во изминатата година и половина. Доколку во преостанатиот мандатен период не се преземат чекори кон воспоставување на механизми за функционирање на правната држава, очекувам да се намалува довербата кон партијата“, изјави Наумовска за ДВ.

Што ќе донесе „Македонија 2030“

Според конгресното сценарио, Мицкоски како кандидат за лидер ќе да ја претстави својата визија за иднината на партијата. Неговиот настап, како што пренесоа медиумите, ќе го следи аудиториум од 2.600 лица, од кои 850-860 делегати и 1.700 гости.

Во фокусот на неговото излагање, како што е најавено, ќе биде документот „Македонија 2030“, кој треба да ги одреди смерниците на идниот развој на државата. Од партијата вчера (5.12) оценија дека со оваа стратегија, ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како „водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија”.

предизборен собир на ВМРО-ДПМНЕ
Аналитичарите со кои разговараше ДВ не прогнозираат суштествени промени во правецот на дејствувањето на партијата и оценуваат дека не се исполнети ветувањата од минатогодишните избори (фото: предизборен собир на ВМРО-ДПМНЕ)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Александар Талевски, некогашен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој сега ги следи политичките случувања, меѓутоа, смета дека партијата чии бои тој ги бранеше во парламентот, денес е без идеологија и визионерство и затоа, вели, не очекува нови идеи.

„На мое големо разочарување, од 2008 година наваму и особено по проектот ‘Скопје 2014′, идеолошката матрица на моето ВМРО-ДПМНЕ е целосно избришана и свртена наопаку. Денешното ВМРО-ДПМНЕ е во целосен дисконтинуитет со идеологијата на партијата во деведесеттите години“, изјави тој за ДВ.

Притисок околу уставните измени и европските интеграции

Мицкоски, кој е под жесток притисок на европските претставници да го направи чекорот со уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, според прогнозите, ќе добие силна поддршка на денешниот конгрес против таква промена.

На конгресот ќе имаат поздравни обраќања и сестрински партии од странство, но нема информации дали тие ќе се придружат кон тој став, или пак ќе го охрабрат Мицкоски за уставни измени и откочување на евроинтегративниот пат на земјата.

Професорката Бојана Наумовска истакнува дека не очекува поместување во овој дел. „Како што Мицкоски доби легитимитет да спроведе реформи во правосудството, така доби и легитимитет од граѓаните да го зачува Уставот онака каков што е“, вели Наумовска.

 

Без противкандидат за лидерското место

Актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и на претходните партиски избори во 2017 и 2021 година, и овојпат нема противкандидат за партискиот трон. Според Наумовска, резултатите од минатогодишните парламентарни избори, како и големата доминација на последните локални избори, не оставија голем простор за промовирање на друг кандидат за претседател на партијата.

„Тоа што во овој момент нема втор кандидат не го сметам за хендикеп, затоа што позицијата на Мицкоски е цврста, а простор за делување на евентуален друг кандидат речиси не постои“, оценува таа.

Неофицијален домаќин на денешниот конгрес е Митко Јанчев, моќно партиско име и градоначалник на Кавадарци кого многумина го гледаат како можен наследник на Мицкоски.

„Моите очекувања се дека во следните неколку години ќе се случува битката за нов лидер. Истакнати членови на партијата, кои себеси се гледаат како идни лидери, повеќе ќе бидат во јавноста и ќе работат на себепромоција“, вели нашата соговорничка Наумовска.

Нема услови за партиска смена на генерации

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера испратија видео сторија до медиумите во која се афирмира денешниот конгрес и старо-новиот лидер Мицкоски, со пораки за „визија што гради држава“ и „за генерацијата што доаѓа”.

Претходно, во интервју, Мицкоски рече дека очекува неговиот трет мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ да помине во „големи реформи и подобар живот за граѓаните во државата”, како и промени во партијата.

Искусни партиски сениори кои денес се надвор од ВМРО-ДПММНЕ, од друга страна, опсервираат дека внатрепартиската демократија е отежната од партискиот статут и дека нема услови за генерациско растење и зреење.

„Со оглед на изборниот модел, претседателот на партијата е најмоќниот човек во сите партиски тела. Не ли ве плаши целосната синхронизираност на сите партиски функционери? Нели треба да се запрашаме, а богами и да се уплашиме од целосното едноумие, без ниту едно подруго мислење во партијата?“, вели некогашниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Талевски. „Знаејќи го статутот на партијата мислам дека освен козметички потези не може да очекуваме многу“, додава тој.

Најавувајќи го конгресот ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш се обврза на квалитетно здравство, конкурентно образование, и функционални јавни услуги и политики. Граѓаните сѐ уште чекаат да бидат исполнети тие постулати.

Back to top button
Close