Конкурс за краток хорор расказ во пресрет на „Ноќ на вештерките“

Втора година по ред, во пресрет на празникот „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“, Новинската агенција „Мета.мк“ во соработка со Издавачката куќа „Култура“ го објавува „Инста конкурсот за краток хорор расказ“.

Право на учество на конкурсот имаат сите млади лица на возраст од 16 до 29 години.

Трудовите треба да бидат ваши и оригинални, односно не смеат да бидат преземени или копирани од веќе објавени приказни во домашни или странски медиуми. Во расказите треба да доминираат морничави и мистериозни случувања во кои се опишува натприродното, необјаснивото и непознатото знаење.

Расказите не треба да бидат подолги од 100 реда (три страници во Word документ, напишани со фонт Ariel и големина на фонт 14). Расказите треба да бидат напишани на македонски литературен јазик.

Кратките раскази се испраќаат на адресата [email protected] со назнака „Конкурс за краток хорор расказ“ најдоцна до петок, 29 октомври, до 12:00 часот напладне. Во пораката наведете ваши податоци – име, презиме, возраст, контакт телефон, како и псевдоним под кој би сакале да биде објавен расказот.

Нема ограничување во однос на бројот на раскази што еден учесник може да ги испрати.

Кратките раскази ќе бидат оценети од комисија составена од новинари и уредници во „Мета.мк“ и Издавачката куќа „Култура“. Наградените раскази ќе бидат одбрани според морничавоста на темата, но и оригиналноста, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик.

Авторите на трите најдобри и најстрашни раскази ќе добијат ваучери од страна на „Култура“ и тоа: прва награда – ваучер во вредност од 1.000 денари, втора награда – ваучер во износ од 500 денари и трета награда – ваучер во износ од 300 денари.

Резултатите и трите победнички раскази ќе бидат објавени во сабота (30 октомври) на веб страницата и на каналите на „Мета.мк“ на социјалните мрежи.

Организаторите на конкурсот го задржуваат правото да ги објават и останатите раскази во договор со авторите.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close