Консензус за национални прашања – да, за моноетнички партиски договор – не

Се додека Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и неговите партнери не го прифатат ова, излишно е да се коментира изнудената т.н. „Платформа“ на Пи-аР тимот на „Белата палата“:
1. ВМРО-ДПМНЕ треба да се збогува со дневните ПРЕС-Конференции за „скандали“: ако има криминал – нема ПРЕС-ови туку постапки во Обвинителството. Се друго е само замислено средство за „изнудување“ поддршка. А тоа не е владеење на правото.
2. Департизацијата не може да ја спроведат партии кои ја заробуваат државата и ја користат како извор на сопствено одржување. Ако ВМРО-ДПМНЕ сака вистинска департизација, нека започне на пр. со инсистирање на судски епилог за „Талир“. Департизирачки и во духот на владеењето на правото.
3. Стабилноста дефинирана како „спречување мегаломански етнички барања“ во основа е мотивирана од негација на суштината на граѓанската рамноправност.
33 години Северна Македонија ги трпи последиците од укинувањето на стекнатите права на немакедонските етнички заедници од Уставот 1974, вклучително употребата на јазикот. Албанскиот, но и турскиот.
Ако „Белата Палата“ замислува дека со оваа дефиниција ќе се вклопи во претстојното произнесување во Уставниот суд по Законот за јазиците изигрувајќи етно-партиска брана на „дестабилизација“ со секое ново укинување на стекнатите права, тоа е само уште една промислена грешка во најава.
4. Според тоа и самото ВМРО-ДПМНЕ не го разбира „заедничкиот патриотизам“ за кој зборува Мицкоски: Северна Македонија е татковина на Македонците, но и на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите, Бугарите, Хрватите, Египќанците, Словенците, Торбешите… Во неа Македонците ја остваруваат и граѓански и етнички својата конститутивност, неспорејќи ја конститутивноста како граѓанска индивидуалност и етничка колективност и на припадниците на другите народи во Северна Македонија.
5. Затоа, националното единство како што го толкуваат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ всушност е обид за реинсталирање на југо-македонистичко толкување на македонската нација. Нацијата на Северна Македонија, низ рамноправноста на македонскиот со припадниците на останатите народи кои живеат во земјата веќе не значи апсорбција на Немакедонците поради слабост, туку рамноправност на сите посакувана и гарантирана (и) од Македонците свесни за своите и заедничките вредности и сигурни во својот идентитет.
6. Разбирањето на овие принципи значи спроведување, а не отпор кон обврските од „францускиот предлог“. И фактичко признавање на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека целината на Рамковниот, Преспанскиот и Софискиот договор заедно со Преговарачката рамка – се целина.
И во таа целина поранешната југословенска република се трансформира во функционална западна, европска и евроатланска демократија со смисла дома и улога во регионот, континентот и трансконтинентално. Напроти обидите на Владата да ги прекине овие процеси.
7. Влегувајќи во процесот на интеграции, со сите институционални предизвици и сите финансиски придобивки во процесот, нема да има потреба да зборуваме за спречувањето на иселувањето, подобрувањето на стандардот на живот и на образованието или за овозможување на социјалната правда.
Земја со економска живост врз основа на стандарди и нација на компетитивни нема потреба од партиски приказни. Но токму ова ги плаши ВМРО-ДПМНЕ (сосе ЗНАМ и ВЛЕН).
Затоа, на провидноста на т.н. Платформа на Мицкоски и обидот Пи-аР-от на „Белата Палата“ – опозицијата мора да се опстане на основните принципи понудени и пред изборите, според кои Северна Македонија:
– ќе ги продолжи ЕУ-преговорите согласно Преговарачката рамка исполнувајќи ги обврските од Дополнителниот протокол (дополнување на Преамбулата)
– ќе ја продолжи борбата со корупцијата (вклучително низ дополнувањата на Законот за примена на рестриктивни мерки) како средство за засилување на владеењето на правото.
– ќе биде не само членка, туку и доверлив партнер во НАТО.
– ќе се развива економски, образовно, социјално, инфраструктурно… оспособувајќи се да биде одржлива и да биде придонесувач, а не само да корисник на механизмите за (транс)континентална безбедност и економски развој.
Се друго ќе значи пакт за неказнивост меѓу партиите на штета на граѓаните. Оти неказнивоста значи нов бран иселување од Северна Македонија.

Ивон Величковски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close