Консултации со социјалните партнери за нов петти пакет мерки, најави премиерот Заев
Главен таргет на петтиот пакет мерки за чие донесување размислува Владата, како и за претходните четири, ќе бидат најпогодените од економската криза предизвикана од пандемијата на корона-вирусот, изјави денеска премиерот Зоран Заев, најавувајќи дека за ова по празниците ќе има консултации со сите социјални партнери.
– По празниците следува процес за консултација со синдикатите, коморите, другите социјални партнери, за навистина највнимателно да ги таргетираме најпогодените. Смислата е токму тоа, да им се помогне ним. Државата има проектирано средства за оваа намена и за буџетот за 2021 година. Сите ресори имаат свои резервоари за помагање на оние на кои им е најнеопходна помош. Конечната порака што сакам да ја испратам до граѓаните е дека државата преку Владата и Парламентот е тука за да им се најде на сите кои се погодени и да им биде од помош, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во тековните и реализирани проекти во Осогово – Пониква.
Државата, вели премиерот Заев, постои заради граѓаните, за да им помогне кога им е потребно. Според него, државата е финансиски ликвидна и солвентна, а државниот Буџет е стабилен, дел благодарение и на тоа што граѓаните навремено си ги плаќаат своите давачки.
Тој нагласи дека со првите четири пакети, меѓу другите, биле помогнати сите активни и пасивни баратели на работа, вработени со плата до 15 илјади денари, млади, ученици, студенти, пензионери со пониски пензии од 15 илјади денари, како и компании со цел да се задржат работните места. Досега, рече премиерот Заев, по сите основи на гражаните и компаниите им се поделени 1 милијарда и и 150 милиони евра.
Продолжуваме натаму, додаде премиерот, со надеж дека ќе дојде вакцината и ќе се стави крај на пандемијата и оти со економските мерки што ги презема и планира Владата ќе дојде до целосно заздравствување на македонската економија