Консултациите кај Радев: Најверојатно предвремените избори во Бугарија ќе се одржат кон почетокот на април

Предвремените парламентарни избори во Бугарија најверојатно ќе се одржат на почетокот на април, поточно во неделата пред Велигден. Ова стана јасно по денешните консултации за состав на влада кај претседателот Румен Радев со пратеничката група „Морал, единство и чест“ (МЕЧ).

– Изразувам подготвеност и желба изборите да се одржат во посоодветно време. За нас февруари не е добар избор, иако сакаме избори веднаш. Можеби првата недела од април е најдобрата опција, пред велигденските празници, јасно свесни дека речиси три месеци по Нова година во овој Парламент речиси воопшто нема да се работи. Организацијата на изборите би била полесна. Доколку го добиеме третиот мандат, бидејќи веќе најавија дека ќе ги враќаат мандатите, ќе направиме така што ќе се совпаднат волјата на претседателската институција и нашата за тоа како да се спроведат најправедните и најчесните избори во нормално време. Времето во февруари за нас е многу тешко, но ако тоа е цената да се отстрани овој модел, подготвени сме избори да има и на Нова година, изјави лидерот на партијата, Радостин Василев.

Претседателот Румен Радев одговори дека целосно ги разбира и ги поддржува неговите аргументи во однос на тајмингот на изборите. Тој дополни дека досега имало барања за несоодветни месеци и потсети дека во Бугарија никогаш не се одржале избори во февруари.

Со оглед на тоа што Велигден во 2026 година се паѓа на 12 април, а доколку шефот на државата го прифати предлогот на Василев, изборите би биле закажани за 5 април.

Back to top button
Close