Конте денеска се соочи со Главната обвинителка заради задоцнетите мерки за изолација во Ломбардија

Италијанскиот премиер Џузепе Конте денескa се соочи со обвинителите кои отворија истрага за задоцнетото воведување мерки за изолација во два помали града во Ломбардија, која  потоа станаа најтешко погодениот италијански регион од епидемијата на коронавирусот.

Според лекарите и вирусолозите, двонеделното задоцнување со воведувањето на карантинските мерки во градчињата Алкан и Нембру, овозможи вирусот да се прошири и во Бергамо, градот во кој потоа, во март, таканаречениот „вишок на смртност“ се зголеми за 571 процент во однос на петгодишниот просек, наведува лондонски „Гардијан”.

Главната обвинителка Марија Кристина Рота, заедно со тим соработници,  утринава дојде во кабинетот на премиерот во Рим, а покрај Конте, се очекува да ги испраша и министрите за здравство и за внатрешни работи.

Во текот на претходните денови, на нејзините прашања одговараше шефот на Врховниот институт за здравство.

Засега никој не е под истрага и не е јасно која е кривичната одговорност, што, доколку ја има, може да им се стави на товар на јавните функционери за одлуките што ги неселе или не ги донеле во екот на пандемијата.

Истрагата, меѓудругото, треба да утврди дали воспоставувањето рестриктивни „црвени зони“ околу двата града е одговорност на националните или регионалните власти.

По минатомесечните разговори со претставниците на Ломбардија, Рота рече дека се чини дека оваа одлука спаѓа во надлежност на националните власти, додека кабинетот на Конте смета поинаку, посочувајќи на регулативите што го уредуваат проблемот, а како примери ги зеде другите региони кои сами имаа воспоставени „црвени зони“.

На прашањето дали сега смета дека изолацијата требаше да се воведе порано, Конте во интервју за римски „Прес“ рече дека е мирен во врска со одлуките што ги донел и дека постапувал согласно својата совест и согласно позицијата на науката.

Back to top button
Close