Кoнтрапротест

Никогаш не сум поддржувал контрапротест. Тоа време заврши. Овој мој текст ќе биде еден вид контрапротест на се она што се случуваше изминативе денови.

Прво сакам да упатам честитки за усвоените заклучоци во врска со Францускиот предлог со што се отвора една голема врата што ја чекаме да се отвори веќе 17 години и наспрам сите големи манипулации и лаги со кои не бомбардираа деновиве сепак Македонија ќе ја биде. Честитки и за сите пратеници во парламентот што машки ја издржаа онаа галама и врескање на големите патриоти. Да, тешко беше таму, но тешко беше насекаде, особено кога трчаш спроти ветрот, но еден ден историјата ќе покаже, а идните генерации ќе видат кој бил во право.

Овие изминати денови и недели на македонските граѓани им се случуваше една невидена и брутална агресија од сите страни. Македонецот е веќе избезумен и не знае на која страна да фати. Не беше во прашање само притисокот околу Францускиот предлог и неговите креативни толкувања од страна на разни политички фактори, овде кај нас се лаже бре и манипулира ама баш онака на “ангро“. Се злоупотребуваат емоциите на граѓаните од страна на разни политички и општествено јавни авторитети и тоа е опасно. Имено, пред некој ден, една актерка во сериозни години, пред насобраните луѓе кои протестираа кај Собранието на цел глас врескаше и ги прашува “Како сега да им кажам на моите деца дека од утре нема да бидат Македонци“ некако така беше, парафразирам сега. Што да кажете на ова, како да се борите против ова лудило и брутално лажење.

Но вакви “Луди Мари“ како оваа актерка има многу, за жал.  Каде го видела тоа, кој и кажал, каде прочитала, кој ја убедил дека нема да биде Македонка. Јавните работници веројатно имаат некоја одговорност пред луѓето кои им веруваат и ги следат, а тоа е пред се да бидат бар малку чесни и да престанат да лажат. Еден новинар кој го ставиле во некој божем “список на интелектуалци“ кои се потпишале против Францускиот предлог се чуди кога го видел неговото име затоа што никој ништо не го прашал за тоа, веројатно има и многу други такви, што ништо не ги прашале. Во тие списоци кои ги лиферуваат ако гледате внимателно ќе видите еден куп вработени партиски кадри по училиштата, наставнички, учителки, педагози, психолози, на сите нив им дала партијата задача да се потпишуваат, инаку све се тоа “големи интелектуалци“ кои добро го разбираат Францускиот предлог, се обложувам дека не го виделе ниту прочитале нешто од него. Излегуваат разни професори, исфрустрирани поранешни дипломати, интелектуалци, Ве гледаат во очи и Ве лажат и тоа онака на најјако. Постојано врескаа за некаква “бугаризација“ и “асимилација“, лажат дека ни го земале македонскиот јазик, па демек сега ќе дојде некој и ќе ни го земе идентитетот. Па каква е таа нација кога би можел некој со документ или договор да и го земе идентитетот, ајде ќе Ве молам. Повеќето од нив што врескаат и што Ве лажат имаат своја математика зошто го прават тоа, но недозволиво е играње со емоциите на народот поради лична корист. Многу луѓе кои беа таму и не знаат зошто се таму, не се виновни, им кажале од партија дека ќе бидат Бугари, ете за тоа отишле, абе лудило. Политичките партии од опозицијата како и другите актери во политичкиот живот го прават овој хаос поради политичка борба и политички рејтинг и тоа некако го разбирам, тешко ми е ама го разбирам зошто го прават тоа, секако дека не го оправдувам моментот за вакво себично и незрело поведение но што е тука е, тоа е нивна политичка борба. Оваа тема е многу погодна за политички профит, сега е лесно да бидеш патриот и да ги подбуцнуваш народните маси, но патриот е и да направиш нешто големо за својата држава и за својот народ, е за тоа некако не се кадарни.

Овде во овој текст повторно сакам да отворам една полемика со експертите околу Францускиот предлог, нема да се смирам се додека со аргументи и интелектуално не ги победам. Кај некои од нив препознавам една повредена суета која не може да ја надминат затоа што демек нив никој за ништо не ги прашал. Но со некои свои ставови што ги искажуваат деновиве јас и во куќен совет не би ги ставил. Кај други пак препознавам некоја политичка агенда затоа што интерпретациите им се сведени на одредени теориски “цепидлачења“ во врска со предложената “Рамка за преговори,, а немаат многу суштина. Но кај сите нив еден заеднички именител е тоа што не ја разбираат или не сакаат да ја разберат суштината на овој проблем или спор кој ние мора да го надминеме. Постојано ни кажуваат за последиците кои може да произлезат во текот на преговорите од вака предложената Преговарачка рамка на ЕУ, постојано ни кажуваат за тоа дека немаме гаранции за многу работи, па кој ќе ни гарантирал ова, кој она итн. Воопшто во животот а не пак во меѓународната политика гаранции не постојат. Гаранци се даваат само на апаратите за бела техника и на ТВ уредите, за друго тешко гаранција.

Како прво, ни велат експертите дека овој предлог е преседан и за ниту една друга земја кандидат немало ваков предлог. Да точно е, ова е преседан се согласувам. Другите земји кандидати немале услови во ваква форма. Да, и тоа е точно. Но ние, нашата земја има наспрам себе една пречка што можеби другите ја немале во таква форма, пречка која мора да се надмине, а тоа е ветото и една неразумна политика на нашиот сосед која исто така е преседан. Па што треба да правиме, да седиме со скрстени раце и да велиме ова е преседан, ние ќе чекаме подобри времиња кога ќе нема преседани и кога ќе ни дојде подобар предлог. Но дали сме сигурни дека тоа ќе се случи? Тешко дека во догледно време ќе се случи. Треба да го зграбиме овој моментум кога евидентно е дека вниманието на Брисел и првите луѓе на ЕУ е силно фокусирано на нас овде, што впрочем се виде и со посетата на првиот човек на Комисијата на ЕУ и неформално “премиер на ЕУ“ за оние што не знаат,  нејзиното присуство беше силна и голема порака за нас како држава.

Како второ, прашање околу кое исто така се “лаже на ангро“ и се манипулира нашиот народ е прашањето за јазикот. Верувајте од кога се објави предлогот нема ден да не го читам одново и одново и да не го анализирам. Ги барам оние замки за кои ни кажуваат експертите па заклучив дека во една ваква сложена и жива материја ако саката да барате замки и да толкувате нешто како Вие што мислите секогаш може да најдете аргумент да верувате дека сте во право. Кај меѓународните докумети и договори секогаш се настапува со добра верба и желба нешто да се заврши, така функционира светот. Јас разбирам дека како мала нација сме исплашени до коска некој нешто да не не прелаже па да ни “земе идентитет“, абе тоа не постои, не се зема идентитет така, политичарите злоупотребуваат и лажат за своја корист и токму затоа многу сме уплашени и несигурни, мора да го надминеме ова. Еве нешто околу “замката“ што експерите често ја интерпретираат како аргумент дека нема гаранција за јазикот. Имено, во преговарачкта рамка се вели:  ,,Во однос на преводите на правото на ЕУ на македонски, ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Северна Македонија за македонскиот јазик“. Сега не знам што има тука нејасно и необјаснето. Тоа се еднострани декларации, (изјави) кои тука завршуваат. Токму ова е компромисот направен во прилог на Бугарската страна,  за да им се удоволи да со еднострана изјава констатираат дека не се сложуваат со терминот македонски јазик  туку со тоа како они што мислат, односно бугарски дијалект, но ние немаме илузии дека тие некогаш ќе го прифатат македонскиот јазик, па тие ниту во изминативе 70 години а ниту пак во наредните 100 години нема да се сложат со “македонски јазик“, за нив тоа ќе биде “бугарски дијалект“, но тоа се еднострани изјави кои ќе ги констатира европската комисија, не можат ништо понатаму да наметнат, ние продолжуваме со чист македонски јазик секаде низ поглавјата и кластерите, впрочем така е наведено на повеќе места и во преговарачката рамка, секаде стои само македонски јазик, македонски превод на правото на ЕУ, македонскиот јазик станува веќе официјален јазик на ЕУ со завршувањето на преговорите, не знам што е тука нејасно, се е напишано. Бугарија ќе продолжи да не се согласува, но не може ништо повеќе од тоа. Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со Европската комисија, тоа е многу битно да го разберат граѓаните.

Што се однесува до третото прашање, кое пак највеќе го злоупотребуваат политичарите од опозицијата тоа се историските прашања. Кога ќе му кажете на некој човек дека некој ќе го бугаризира и ќе му наметне бугарска историја и бугарски учебници секој нормален ќе се бунтува и нема да го прифати тоа. Но токму на овој лажен дискурс, на оваа лажна мантра, манипулаторите успеаја да прилепат многу наши граѓани да протестираат. Точно е дека во Преговарачката рамка во делот на Копенхашките критериуми ние имаме и дополнителни услови околу почитување и спроведување на Преспанскиот Договор и Договорот за добрососедство со Бугарија на што веќе сме се обврзале со потпишувањето на овие договори. Значи за нас како земја кандидат дополнителен услов всушност е само почитувањето и спроведувањето на овие два договори. Во рамките на ова се спомнати и годишните прегледи околу тоа како оди спроведувањето на Договорот за добрососедство согласно членот 12 како што е и предвидено во самиот договор. Протоколот што денес ќе го потпишат министрите за надворешни работи околу кој се дигна голема фама и повторно се лаже и манипулира на големо не е ништо друго туку записник од меѓувладината комисија која има обврска да се состанува и да ги разгледува досегашните договорени работи како и да ја предложи динамиката  на реализација на обврските согласно истиот член 12 од договорот на што веќе сме се обврзале. Ништо друго не претставува тој протокол и тој не е дел од преговарачката рамка. Точно е, ќе има годишни прегледи за тоа како оди реализацијата на протоколот, тоа е влезено во преговарачката рамка, но тоа не е исто како што се обидуваат да ни наметнат и да не убедат во тоа дека и протоколот е дел од преговарачката рамка. Видете сега, од овој Договор за добрососедство произлегува и формирањето и работата на историската комисија, на што исто така сме се обврзале. Но од работата на таа комисија воопшто не може директно да биде засегнато нашето преговарање по поглавјата и кластерите наведени во преговарачката рамка. Имено, сите одлуки во историската комисија се усогласуваат взаемно од двете страни, (македонската и бугарската), па доколку се усогласат како такви се процесуираат понатаму, значи не може никој да ни наметне некаква историја за која ние не се согласуваме. Лага и измама е дека сега ќе мора да учиме бугарска историја, тоа е голема измама која намерно ја пласираат да се создаде хаос. Е сега доаѓаме до главното прашање што го верглаат постојано! Демек ако не се сложиме со Бугарското толкување на историјата Бугарија ќе не блокира понатаму и ќе имаме ново вето. Но сега експертите треба да го објаснат тоа што не го објаснуваат, не знаат или не сакаат. Како прво ние во оваа фаза преговараме со Европската комисија, односно со 27 земји членки, не преговараме со Бугарија. Правните правила и процедури согласно преговарачката рамка се веќе сосема други. Многу е тешко сега во оваа фаза Бугарија да не стопира во врска со историски прашања на наши започнати преговори по поглавјата кои се однесуваат на сосема други теми и области, тоа ќе биде невозможно. Како прво и ние како договорна страна и земја кандидат ќе имаме право да ги истакнуваме нашите аргументи пред ЕУ комисијата, ќе бидеме исто така сослушани па дури и ако ЕУ комисијата одлучи да го прифати аргументот на Бугарија за некое историско прашање што е малку веројатно, па да предложи стопирање на преговорите во одредена фаза или поглавје што е исто така неверојатно, Европскиот совет може тоа со квалификувано мнозинство да не го одобри. Но сето ова велам  ќе биде многу тешко и сложено па дури и невозможно затоа што во Преговарачката рамка не се предвидени вакви билатерани историски прашања да бидат дел од преговорите, туку одредени поединости околу овие прашања ќе бидат опфатени во протоколите што пак не се директно поврзани со преговарачката рамка. Ако го следевте пред две недели Бугарското Собрание ќе забележавте дека тие што беа против Францускиот предлог од Бугарската опозиција токму овој аргумент го истакнуваа, дека Бугарија ќе нема веќе алатки и механизми да го спечи признавањето на македонската историја и на “македонизмот“ како што велат тие, тие разбраа кај ги боли и каде ја загубија битката, затоа жестоко протестираа. Тука треба да се земе во предвид и експлицитната изјава на претседателката на ЕУ комисијата која гласно порача во Македонскиот парламент дека историските прашања нема да бидат тема на преговорите. Оваа изјава е исто така еден вид документ во меѓународната политика. Тоа значи дека многу ќе биде сложена и тешка ситуацијата понатаму за Бугарија да блокира по однос на овие историски теми.

Токму затоа за нас како држава кандидат од суштинско значење ќе биде што побрзо да ги почнеме преговорите, односно да ја одржиме онаа втора меѓувладина конференција од како ќе го вметнеме Бугарскиот народ во Уставот и ќе ги почнеме преговорите по поглавја. Значи единствениот вистински “компромис“ и “бугаризација“ е вметнување во нашиот Устав на бугарскиот народ, заедно со другите народи набројани таму. Нема друга опасност, нема бугаризација нема асимилација, нема ништо од тоа, бидете спокојни.  Потоа се ќе биде многу полесно и на наша страна, ќе имаме многу механизми во рацете. Затоа треба да го зграбиме моментот. Вметнувањето во Уставот на бугарскатиот народ е сега всушност наш интерес затоа што почнуваме со преговорите со цел капацитет на алатки и механизми на ЕУ кој ќе ни биде на располагање. Едноставно стануваме посилни. Не гледам голема причина и пречка и опозицијата да не го разбира ова и да биде против. Па тие веќе пред извесно време изјавија дека немаат против Бугарите да бидат вметнати во Уставот. Длабоко сум убеден дека ова сега што го прават со оние меници кои         всушност ништо не значат како и со оние силни патриотски изјави дека нема да попуштат за Уставот, го прават тоа за својата публика и гласачи на кои изнасилено им ги подгреваа емоциите во погрешна насока и сега немаат како да се оправдаат. Опозицијата воопшто не треба да смета дека ова е нејзин пораз затоа што оваа влада успеала да почне преговори, напротив, почнувањето на преговори е победа за сите, да беше обратна ситуацијата верувајте дека и овие “патриоти“ истото ќе го направеа.

Бидете живи и здрави, одморете малку од сето ова, летото е пред Вас.

м-р Глигор Стоименов

                            

 

Back to top button
Close