Контраспин: Ајде да се веселиме, нека ечат само позитивни вести!
Премиерот Христијан Мицкоски говорејќи на Форумот на повратници во државата што се одржа во Владата, апелираше до медиумите главна вест да бидат поранешните иселеници кои се вратиле во земјата. Притоа премиерот истакна дека треба „да зборуваме за убави работи“ и спинувајќи ја вистината додаде дека некои медиуми кои биле „талог на ова општество“ ќе се обиделе да го исмеваат и да „прават рилсови“:
Спин: Мислам дека борбата треба да се води за секој еден човек тука да остане. И, мој апел е до медиумите, иако некој можеби од тој талог на ова општество потоа ќе прави рилсови и ќе се обидува преку социјалните медиуми да ме исмева, но јас ќе останам на својот принцип и покрај притисоците од тој талог на општеството, а тоа е дека треба да зборуваме за убави работи. Ова се убави работи, ова се убави приказни, ова се луѓето коишто треба денеска да бидат, не пледирам да бидам режисер и уредник, но ова се луѓето коишто треба да бидат прва вест денеска…
Мицкоски појасни дека тоа се луѓето коишто се вратиле и тука формирале свој бизнис, а потоа додаде дека тој медиумски „талог“ гради кариери во новинарството врз база на „некои недоследности“ кои се случуваат насекаде.
[Извор: Мета.мк, Официјален Јутјуб канал на Владата на Република Северна Македонија ( 49,06 – 50 минута од видеото) – Датум: 24.12.2025]

Контраспин: Премиерот Мицкоски сака да се зборува за убави работи, да се објавуваат позитивни вести, а дел од медиумите ги оквалификува како „талог на општеството кој прави рилсови и ќе се обиде да го исмева преку социјалните мрежи“. Ама и покрај притисоците од тој „талог на општеството“ премиерот вели дека тој ќе останел на својот принцип, а тоа е дека треба да зборуваме за убави работи.
Ќе повторам, да не бидам здодевен, свесен дека овој талог на општеството после ова што сега го зборувам, ќе прави рилсови и ќе ги објавува на „Ајде да се веселиме“, но јас ќе продолжам да апелирам: ајде да се веселиме и да објавуваме позитивни вести и да зборуваме за ова прекрасно парче земја во Европа дека може да живее поинаку и дека може да успее, а вие сте тие примери коишто покажувате со дело дека можело да биде поинаку и дека и овде е убаво и многу поубаво отколку таму каде што сте биле, вели премиерот. (од 50 до 51,34 минута од видеото)
Па, ајде тогаш да се веселиме и да објавуваме позитивни вести!
Арно ама, за какви убави работи да зборуваме и да објавуваме?
Дека Владата прогласи кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата, бидејќи не може да се набави мазут. Како да се разубави оваа вест којашто Владата сама ја соопшти ден пред настапот на премиерот со повратниците-иселеници?
Споменатата Одлука на Владата е со траење од седум дена од денот на нејзиното влегување во сила. Донесена е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
Оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството. Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај со Владата и до Министерство за финансии, информираа од Владата на 23 декември.
Истиот ден од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). соопштија дека од 1 јануари 2026 ќе поскапи струјата во сите блокови на скапата и евтината тарифа. Комисијата информираше дека:
Цената на електричната енергија во првиот блок ќе се коригира за 2,45 отсто, а во вториот блок за 2,87 отсто. Цената во третиот блок ќе порасне за 3,32 отсто и во четвртиот блок за 3,84 отсто. Во однос на евтината тарифа, РКЕ одлучи истата да се зголеми за 2,50 отсто.
Тој ден, на 23 декември, Европската комисија потврди за Телма дека е стопирана исплатата на средствата од третата транша од ИПАРД 3 програмата во С.Македонија поради истрагата и апсењето на поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев под сомнежи за мито. Владата на 29 октомври побарала од ЕК да ѝ биде исплатена сума од 2,9 милиони евра.
Во сегашните околности, како стандардна превентивна мерка за заштита на буџетот на Европската Унија, Комисијата одлучи да го прекине рокот за плаќање за декларацијата за расходите за третиот квартал од 2025 година во рамките на програмата ИПАРД III. Оваа превентивна мерка ги надополнува мерките што веќе ги презеде Националниот службеник за авторизација, при што обете придонесуваат за обезбедување заштита на финансиските интереси на ЕУ – пренесе Телма
На 24 декември од Европската комисија истото потврдиле и за Независен:
Националниот службеник за овластување (НАО) на Северна Македонија одлучи да ги суспендира сите плаќања во рамките на програмата ИПАРД 3 2021-2027 од 7 ноември 2025 година до понатамошно известување.
Во одговорот до порталот уште пишува дека Европската комисија е свесна за истражните активности што ги спроведуваат властите на Северна Македонија по сомневања за потенцијална корупција од страна на високо рангиран функционер во рамките на Агенцијата за ИПАРД. Па оттука, ЕК бара сериозен пристап за овој случај.
Бидејќи се занимаваме со парите на даночните обврзници на ЕУ, очекуваме властите на Република Северна Македонија да продолжат да го сфаќаат ова прашање многу сериозно, пренесува Независен.
И сега, што има убаво во овие неколку вести кои ги издвоивме?
А, има и други како на пример, дека годинава ќе заврши со економски раст 3,5 отсто – пониска стапка во однос на претходно планираната на ниво од 3,7 отсто. Во надолна линија е коригирана стапката на раст и за следната година од 4 отсто на 3,8 отсто, објави „Порталб“ во својата анализа од 22 декември повикувајќи се на Ревидираната Фискална стратегија 2026-2030.
Неспорно е дека иселувањето од државата е огромен проблем, дека треба да се води битка да се стопираат ваквите тенденции, да се прават сериозни напори и да се создаде клима во општеството за да се вратат иселениците – особено младите. Но, дали тоа може се постигне, како што сака премиерот, со ширење на позитивни, убави вести, креирање на розова слика за нештата, во која единствен „натрапник“ се некои медиуми – „талог на ова општество“, кои ќе се обиделе да го исмеваат, да „прават рилсови“ и да ја нарушат идиличната слика.
Онаа прекрасна слика којашто не може да се види, бидејќи печат очите од „чистиот воздух“ и од ПМ 2,5 честичките. Загадениот воздух, за којшто Мицкоски додека беше опозиционер, велеше дека состојбата е алармантна и дека аерозагадувањето убива кога власта е неспособна.
Ама, од позиција на власт, изгледа полесно се дише
Непримерно е Мицкоски да врши притисок врз медиумите, да им сугерира како да известуваат и што да биде главна вест. А невкусно, па и недолично е за еден премиер да се обраќа со таков навредлив речник до медиумите. Па, ете нека се и оние кои не му се баш по ќеф, кои ќе се дрзнат да го исмеат и да не ја „проголтаат“ неговата спинерска приказна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар






