Контраспин: Ахмети загриженоста за јазикот можеше да ја покаже цели 4 години ако ги прифатеше советите на Венецијанската комисија

Она што е предмет на расправа на Уставниот суд е, всушност, обврска што ја имаа ДУИ (и СДСМ) да ја спроведат во периодот од 2020 до 2024 година, а тоа беше имплементација на прецизните и добро појаснети забелешки на Венецијанската комисија од крајот на 2019 година. Оттука, спин е да се каже дека Уставен суд сакал да го укине правото на Албанците да го употребуваат албанскиот јазик и дека од секое отворање на ова прашање зависел мирот и соживотот во земјата

Пишува: Теофил Блажевски

 

 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред зградата на Уставниот суд даде изјава во врска со расправата за Законот за употреба на јазиците, при што може да се констатира спин:

Спин: На 11 декември, ние бараме Уставниот суд, ако е навистина Уставен суд кој дели правда, ако е суд кој размислува за демократија во државава, за мир и стабилност, а не е суд кој става бензин врз огнот, да ги отфрли сите 13 иницијативи, да нѐ остави на раат да си одиме дома. Нема да има мир ако не биде така… Далеку рацете од промената на Законот за јазиците. Ако сте добри и визионерски политичари, вие ќе го унапредевте јазикот, а не да го укинувате… Ние сакаме мир, ние сакаме демократија, ние сакаме слобода.

 

[Извор: A1Он.мк – Али Ахмети/изјава; датум: 11.12.2024]

 

 

 

Контраспин: Лидерот на ДУИ Али Ахмети спинува со неговите ставови во јавноста зошто Уставниот суд не треба воопшто да расправа за овој спорен Закон за употреба на јазиците (ЗУЈ) донесен во 2018 година, велејќи дека тоа ќе ги поткопало правата на Албанците и ќе го нарушело меѓуетничкиот соживот и мир во земјата.

Спинот е апсолутно јасен, дотолку повеќе што Уставниот суд има обврска да расправа за законите и другите прописи и да проверува дали се во согласност со Уставот, а особено доколку има иницијативи за нивно преразгледување. А, овој пат има дури 13 иницијативи споени во еден предмет.

Но, дури и пред овие 13 иницијативи, ЗУЈ беше во многу свои членови оспорен од Венецијанската комисија една и пол година откако беше донесен. Ова експертско тело на Советот на Европа, на иницијатива на премиерот (Зоран Заев), во јануари 2019 година го прифати и го започна оценувањето на квалитетот на Законот и неговата усогласеност со Уставот и со другите меѓународни прописи што ги има усвоено во својот правен живот Северна Македонија, како што се, на пример, Европската конвенција за заштита на човековите права или Рамковната конвенција за правата на националните малцинства.

На 9 декември 2019 г. Венецијанската комисија го публикуваше својот став за овој Закон, кој, патем, беше донесен во бурна атмосфера и откако не беше потпишан од тогашниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов. Доколку се прочита детално, Венецијанската комисија, појаснувајќи го контекстот, Законот за употреба на јазиците од 2008 година, нефункционалноста на тој закон во одредени делови, итн. (од 5 до 33 точка во мислењето), го завршува првиот дел со критика дека Законот е донесен „на брза лента“, наведувајќи дека Венецијанската комисија отсекогаш била против таквото брзање за вака важни прашања и дека „за закон каков што е закон за јазикот, особено важно е да бидат консултирани сите јазични заедници, што во овој случај очигледно не било така“ (точка 33).

Понатаму, Венецијанската комисија точка по точка го анализира Законот и го споредува со Уставните одредби, при што во неколку глави ги појаснува „нејаснотиите во однос на областите и правните субјекти што се покриени со законот“, потоа „нејаснотиите околу употребата на терминот го зборуваат“, „потребата да се прецизираат (некои одредби) во однос на пописот на населението“, „јазичните права на помалите заедници“, „употребата на јазиците на банкнотите, монетите, униформите, поштенските марки, начините на плаќање, фискалните извештаи и бандеролите“, „употреба на албанскиот јазик во правосудството“, „тешкотиите поврзани со имплементацијата на законот за употреба на јазиците“, итн, итн.

Заедно со заклучоците, ова мислење на Венецијанската комисија содржи 104 точки, при што во точката 102 Комисијата препорачува законодавецот да го преразгледа уште еднаш законот и во широка консултација повторно да го усвои, но имајќи предвид неколку препораки, при што тие се и таксативно наброени.

Како што може да се види, правните експерти на Советот на Европа сериозно ја разбрале работата и си ја завршиле својата – препорачале дека Законот треба повторно да се преработи и да се отстранат сите нејаснотии со цел тој да биде применлив.

Мислењето е испорачано на крај од 2019 година. Во 2020 година имаше парламентарни избори на кои повторно победија СДСМ и ДУИ и нивната коалиција формираше Влада, имаше мнозинство во Собранието и таа Влада можеше да ги спроведе заклучоците од Венецијанската, дотолку повеќе што така беше и ветено кога го усвојуваа Законот набрзина во 2018 година.

Значи ако ДУИ и Али Ахмети биле искрени во намерите да се донесен применлив Закон за употреба на јазиците, мислејќи тука и на албанскиот јазик, имале уште четири цели години тоа да го сторат. Но, очигледно го сметале тоа прашање за затворено.

Токму поради тоа, изјавата на Ахмети што ја потенцираме погоре е спин, исто како што е спин целата оваа драма со постапката во Уставен суд, која злонамерно се нарекува постапка за укинување на употребата на албанскиот јазик, што едноставно не одговара на вистината.(Вистиномер)

Back to top button
Close