Контраспин: Двојниот морал на Мицкоски за политичката одговорност
Пишува: Стојан Синадинов
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во одговорот на новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе покрене иницијатива за разрешување на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, изрече спин:
Спин: Да ја оставиме естрадата за естрадните уметници, политиката за политичарите. Видете, во животот постојат два начини на одговорност, еден е морален кога човек обавува одредена функција и ќе направи некоја грешка и треба самиот да се повлече, и вториот е кривичен. Кривична одговорност доколку има сторено кривично дело. Што ако ВМРО-ДПМНЕ поднесе или која било друга партија поднесе? Ете, видовте за Судскиот совет, поднесовме, ги разрешивме, тие уште седат таму и добиваат илјадници евра на грбот на граѓаните.
.
[Извор: Мицкоски за ДКСК: Да ја оставиме естрадата за естрадните уметници, политиката за политичарите; Датум – 21.07.2025]
Контраспин: Премиерот Христијан Мицкоски во коментарот на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе покрене иницијатива за разрешување на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска спинуваше дека нејзината оставка има само морална и кривична димензија, а не и политичка одговорност. Тоа се огледа во неговиот коментар „Да ја оставиме естрадата за естрадните уметници, политиката за политичарите“.
Претходно Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) поднесе обвинителен предлог против претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, под сомнение дека оддала службени тајни и незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се огласи со соопштение во кое појаснува дека разрешувањето на претседателот на Комисијата е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Ден подоцна Димитровска го предала сертификатот „Државна тајна“ во ДКСК, кој го злоупотребила на начин што во периодот од мај до декември 2024 година, преку „Вибер“ и „Ватсап“, давала доверливи информации на лице кое е обвинето во предметот „Адитив“. Податоците се однесувале на отворање предмети, одлуки на Комисијата и проверки на имот. Исто така, таа му испратила и електронски податоци на ревизор во Државниот завод за ревизија, кој во нејзино име го положил тестот за безбедносна обука, по што ѝ бил издаден безбедносен сертификат со степен на државна тајна.
Димитровска веќе не може да го користи безбедносниот сертификат, за нејзиното разрешување е одговорно Собранието, а Мицкоски како претседател на Владата и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со најмногу пратеници во истото Собрание вели „Што ако ВМРО-ДПМНЕ поднесе (иницијатива за смена) или која било друга партија поднесе?“.
Од каде политичката „малодушност“ на Мицкоски, кога партијата што ја предводи има најголемо влијание во Собранието и Владата?
Пекајќи по правда, Мицкоски на почетокот на годинава бомбастично најави дека „пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата. Македониjа мора да победи!“.
Сега, пак, вели дека тоа било залудно, бидејќи „видовте за Судскиот совет, поднесовме, ги разрешивме, тие уште седат таму и добиваат илјадници евра на грбот на граѓаните“.
Мицкоски спинува дека денес би било залудно пратениците од владејачката партија, која тој ја предводи, да поднесуваат иницијатива за смена на Димитровска од чело на ДКСК во Собранието – а Собранието е точната адреса каде што се поставуваат и разрешуваат членовите и претседателот на оваа комисија – повлекувајќи паралела со случајот со Судскиот совет. Но, Предлог Законот (објавен на ЕНЕР на 14.05.2025) доставен на мислење до Венецијанската комисија, предвидува клучни новини.
Уредување на постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет. Се предвидува јавност во постапката и таа не смее да биде исклучена во ниеден случај. Постапката за разрешување од функцијата претседател или заменик претседател се поведува од најмалку четири члена, а одлуката за разрешување се носи со најмалку 8 гласа. Против одлуката за разрешување на претседателот, односно заменик претседателот дозволено е право на тужба до Управниот суд.
Прецизирање на условите кои треба да ги исполнат кандидатите за член на Судскиот совет кои ги избира Собранието на јавен оглас или на предлог од претседателот, особено во однос на појаснување на поимот „истакнат правник“ и потребните квалификации кои треба да ги поседуваат кандидатите…, се вели, меѓу другото, во Предлог Законот. за Судски совет.
Како и да ги извртува работите Мицкоски, сепак Собранието останува ултимативната законска – секако и демократска – инстанца преку која треба да се разрешуваат аномалиите во функционирањето на борбата против корупција, Судскиот совет и сите останати институции, бидејќи само на тој начин ќе биде зголемена довербата во судството. Притоа, моралната и кривичната одговорност се добредојдени механизми во тој процес…
извор: Контраспин