Контраспин: Криминалните пресметки траат многу повеќе од седум години
Текстот го пренесуваме во целост:
Тврдење на ВМРО-ДПМНЕ во кое има спин беше издадено од нивниот партиски штаб во форма на соопштение, а тука го читате делот со спинот:
Спин: Седум години криминалното подземје се пресметува по скопските улици, трговските центри и кафичи, а Спасовски не само што не презема ништо за да фати криминалците, туку и не убедува дека граѓаните се безбедни…
[ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение; датум– 25.10.2023]
Контраспин: Мафијашките пресметки во Скопје и во соседните земји, а во кои се инволвирани криминални групи од Скопје можеби се зголемиле годинава, но траат многу повеќе од спинот на ВМРО-ДПМНЕ дека криминалното подземје се пресметува седум години. Но има и друг факт, дека бројот на убиства до лани покажува дека овие крвни деликти стагнираат или благо се намалуваат.
Ова произлегува од статистиката што ја објавува Министерството за внатрешни работи. Од Збирната анализа за вкупниот криминалитет по области и сектори од 2010 до 2022 година, може да се утврди дека лани во земјата биле убиени 18 лица. Тоа е за три повеќе од 2021 и за седум повеќе од 2020 година, но за 4 помалку од пред пандемиската 2019 година. Патем, најголем број убиства се регистрирани во 2010 година- 41, па во 2011 – 29, па потоа бројот паѓа, со исклучок на 2017 година кога имало 27 убиства.
Иако не се раздвоени посебно, во овие убиства секако спаѓаат и мафијашките пресметки во дадена година.
Во 2023 година познати се три мафијашки пресметки до август, од кои една во Скопје и две во Приштина и Ханиоти, иако сите поврзани со пресметката на два големи криминални клана. Вкупно се убиени петмина, додека двете пукања во Раде Трајковски Штекли, кој се врзува на неофицијален начин и со убиството на водачите на мафијашката група Дуќанџик во Шиша бар во Скопје, засега завршија со тешки телесни повреди и ранувања на Штекли и на неговиот придружник.
Пресметките се уште од крајот на деведесетите
Но, според она што го објавија Фокус и Призма, посебно Призма повикувајќи се на добро информиран полициски извор, мафијашките пресметки во Скопје не се новина и тие се особено зачестени од 2009 година кога доаѓа до сегментација на мафијашката група во главниот град, по што се формираат групите Беланоца и Дуќанџик, кон кои гравитираат четири-пет помали други групи.
Пресметки имаше и меѓу мафијашки групи во источниот дел на државата, посебно во Штип и Кочани, при што имаше и подметнати бомби под автомобили, а најчесто беа насилно палени. Пресметки секако има и таму и во повеќе други урбани центри во земјата.
Зборувајќи за најголемите групи во Скопје денес, пресметките се најрано од 2009 година кога е пронајден мртов со куршум во глава и фрлен на скопска депонија Агим Шерифи, вујко на убиениот Орхан Бајрами во Ханиоти. Потоа во 2013 е ликвидиран Џелал Ајети, па во 2014 Ибраим Исмаили, па 2015 година еден од неговите синови е затворен и осуден на многу години затвор, но бил слободен кога било убиството во Шиша бар, па потоа следува убиство и на вториот син на Џелал, Наим Ајети, итн…
Сето ова е доказ дека пресметките во криминалните групи се стари речиси 15 години. Иако, де факто се и постари. На пример, јавноста можеби ќе се присети на случајот Ровер, ладнокрвното убиство на Марјан Тушевски и Кире Јанев од 2001 година во Скопје, по што следеа низа судски процеси започнати во 2012 година во кои беше обвинет за помагање беше поранешниот министер за внатрешни Љубе Бошковски, за на крај по речиси одлежана казна, во 2019 година да докаже со правосилна пресуда дека е невин. Во суштина, зад овие убиства стоеја мафијашки пресметки помеѓу покојниот Орце Коруновски и убиениот Марјан Тушевски за контрола на бизнис со стриптиз барови и дискотеки во Скопје.
Јавноста може и подзаборавила, но архивите постојат и сè уште сведочат за извесен лик Петрит Аме, кој првпат се спомена посредно при истрагата за атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров и кој потоа мистериозно, наводно загина, а потоа се извлекол без гребнатинки во сообраќајна несреќа кај Гостивар, каде што настрада Наиб Лесковица, роден брат на Арслан Нуиши, водач од групата од Грчец, за потоа (Аме), наводно да биде забележан и на Косово и во Скопје.
Ликот, роден дебарчанец, се поврзува и со скандалот со исчезнувањето на 27 килограми хероин од депото на МВР во предизборната 1997 година. Претходно со шверцот на цигари. Во 2003 од МВР излегоа сведочења на Аме, ама малку „сечени и лепени“.
Мафијашки судири имало и во раните деведесети, но тоа главно биле прелевање на црните години на мафијашките групи во Белград, додека македонските мафијашки групи повеќе работеле како испостава на овие од Белград и главно на обезбедување на најпрофитните зделки во тоа време – шверц со нафта, цигари, оружје и руда (посебно бакар), а правците на шверцот беа од соседните Грција и Бугарија, преку Македонија, кон Србија, Црна Гора и Република Српска и обратно, најмногу кон солунското пристаниште. Впрочем, оттогаш е и соработката на мафијата и политиката и создавањето на организираниот криминал, за што има многу сведоштва и многу сознанија и од западните разузнавачки служби. Кога војните во поранешна Југославија конечно завршија, а тоа беше во Македонија со Охридскиот рамковен договор, главните пари и камен за спрепнување и кавги стана дрогата и нелегалната трговија со луѓе, заменувајќи ги цигарите и оружјето и нафтата. Од тогаш стануваат и окрупнети и поавтентични мафијашките групи во Македонија.
Според тоа, мафијашките пресметки се многу постари од последните седум години како што тврди ВМРО-ДПМНЕ и во тоа е спинот.
Благо опаѓање на организираниот криминал и според ГИ ТОК
Уште еден индикатор покажува дека состојбата е лоша, но не е нешто што е големо изненадување и или некој феномен што се случува само во Македонија. Имено, според Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал (ГИ ТОК), зголемен е Глобалниот индекс на организиран криминал во светот.
Глобалниот индекс на организиран криминал 2023 го открива континуираниот пораст на организираниот криминал на глобално ниво, при што 83% од светското население живее во услови на висока криминалност. Спротивно на тоа, бројот на луѓе кои живеат во услови на ниска отпорност на организираниот криминал на глобално ниво значително се намали: сега, 62% од светското население, во споредба со 79,4% во 2021 година, се наведува во воведот на публикацијата за 2023 година.
Сепак, во глобалниот индекс во Северна Македонија има многу благо опаѓање (но сепак е опаѓање), во споредба со состојбата од 2021 година. За Северна Македонија индексот за 2023 изнесува 5.03, што е понизок индекс за 0.28 од Глобалниот индекс за 2021 година. Патем, индексот се однесува на 193 земји членки на ООН. За разлика од државата, во Грција, Бугарија и Романија индексот е во пораст, во Србија стагнира во споредба со 2021, но е многу повисок од Македонија (6.22), а исто како и кај нас, малку во опаѓање е и во Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Тоа може да се види и на интерактивната мапа што ја нуди ГИ-ТОК.
Од погоре изнесените аргументи може да се оцени дека тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ, кое не е ново туку пласирано и порано, дека нема разлика меѓу власта и мафијашките групи и дека пресметките станале секојдневие во последните седум години, е спин. Бројот на пресметките можеби се зголемил годинава, но пресметките се стари и помеѓу скопските групи траат речиси 15 години, најмалку од 2009 година, а текстов има аргументи и за многу постари пресметки од 2001 г., па и порано. Секако, тоа не го ослободува од одговорност сегашното раководство на безбедносните структури во земјата да расчистат со нив колку што можат поефикасно, и уште поважно, да расчистат со сите мафијашки врски во институциите.
Пишува: Теофил Блажевски