Контраспин: „Македонско сценарио“ за Србија и(ли) „Српски свет“ за С. Македонија?
Новите протести на опозицијата во Србија ја активираа старата мантра на српскиот претседател Александар Вучиќ за постоење на наводно „македонско сценарио“ кое треба го руши неговиот систем. Наведувајќи дека ги видел видеата од Грузија, каде 7- годишно дете фрла со предмети кон полицијата за време на актуелните антивладини протести во оваа земја, Вучиќ изјави:
Спин: Кој го објави тоа, каде се неговите родители? Прво го објавија западните медиуми, оние кои ги поддржуваат демонстрациите во Грузија, а потоа и каналите на Телеграм. Зошто некој се фали со учество на 7 годишно момче. Мислите дека е генијално што ги обоија бехатон плочите со црвена боја, кои нема да можат целосно да се исчистат? Дали мислите дека тоа беше нивна идеја? Најдете снимки од 2016 година, истото сценарио во Северна Македонија. Токму на ист начин го бојадисаа и главниот плоштад во Скопје. Газдата и спонзорот секогаш беа исти, а жртви беа народите врз кои се спроведуваа обоени револуции. Тоа нема да се случи во Србија, бидете уверени.
[Извор: Б92 Вучиќ: Македонското сценарио нема да се случи во Србија – датум: 03.12.2024]
Контраспин: Во изјавата на српскиот претседател Вучиќ препознаваме неколку спинови. Како докажан мајстор во таа сфера, користејќи го одржувањето на безбедносниот самит на Србија со африканските земји во Белград, Вучиќ повторно го користи заплашувањето на српските граѓани со „македонско сценарио“ – овој пат надградено и со „грузиски“ и „украински“ сценарија, за да го дефокусира граѓанското незадоволство од трагедијата по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад пред еден месец, а попатно и од контроверзната експлозија на каналот Ибар-Лепенец на Косово, која наново ги затегна српско-албанските односи до крајност.
Диригираните медиуми на режимот на Вучиќ деновиве синхронизирано ја експлоатираат темата за наводното „македонското сценарио“ за рушење на неговата власт. Користејќи го терминот „обоена револуција“ за добро познатите настани во Македонија од 2016 година – кога незадоволството од режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ експлодираше по објавувањето на прислушкуваните разговори низ масовните протести на „Шарената револуција“, српските медиуми под контрола на Вучиќ „во лет“ ја фатија тезата на увезена револуција и продолжија да ја шират на добропознат начин.
Така, истиот медиум Б92, кој во оваа прилика го користиме како извор на овој спин, ја „илустрира“ тезата на Вучиќ за „македонско сценарио“ со текст со кој сака да ги заплаши српските граѓани дека ќе поминат како Македонците:
Македонската „Шарена револуција“ од 2016 година доведе до тоа денес да се палат македонски знамиња низ цела Северна Македонија, бидејќи земјата никогаш не се опорави од таа штета, тврди Б92.
Во истиот тајминг се јавува и „ударната тупаница“ на Вучиќ, неговиот доверлив функционер Александар Вулин (меѓу другото бивш министер за одбрана и директор на Безбедносно-информативната агенција; сметан и за своевиден „офицер за врска“ со путинова Русија), со наративот дека протестите на опозицијата се пример од учебник за „обоени револуции“:
Опозицијата во Србија се обидува да го повтори македонското сценарио, настаните во Нови Сад се копија на македонскиот модел. Македонците ги бојадисаа плоштадите поради некоја своја причина, овој народ денес за своја. Беа копирани и моделите од Белорусија и Хонг Конг. Тоа е учебнички пример за обоена револуција. Опозицијата не излезе со тоа, туку беа обучени и прецизно инструирани од оние што правеа обоени револуции низ целиот свет, тврди Вулин.
На неговите тврдења се надоврзуваат и истоветните мислења на „хорот српски аналитичари“, кои го зацврстуваат наративот за „македонското сценарио“ наменето за Србија.
Бојадисувањето на плоштадот „Слобода“ во Нови Сад во боја на крв не е ништо ново, ниту пак нешто го смислиле само српската опозиција и нејзините активисти за да покажат дека поради некого е пролеана крв. Тоа е всушност само реплика на македонската обоена револуција од 2016 година, кога нивните опозиционери користеа идентични методи во обидите да ја соборат тогашната власт. Имено, пред осум години во Скопје опозицијата во Македонија ја лансираше т.н обоената револуција, односно протестите против тогашната Влада и аферата „прислушување“, се вели во текстот на српски „Курир“.
Во текстот е поместената и изјавата на дописникот на белградска „Политика“ од Скопје, Жељко Шајн, кој оценува дека настапот на опозицијата во Србија е идентичен со сценариото што се случи во С. Македонија.
Тоа е само прашање на стил во даден момент, односно што се користи како изговор во некоја земја. На крајот на краиштата, Македонија го смени името и влезе во НАТО, додека сè уште е далеку од влез во ЕУ, што беше приоритет. Има уште еден момент: крајот на војната во Украина и на Блискиот Исток е сè поблиску, така што моментите на глобални поделби се користат и во случаи на внатрешни проблеми во Северна Македонија и Србија, вели Шајн за Курир“.
Политичкиот аналитичар Дејан Милетиќ во истиот текст тврди дека ваков вид протести не биле само во Северна Македонија, туку и низ земјите од Југоисточна Европа, како Грузија, Украина, Романија… Секако дека на овие наративи не пропушти да се надоврзе и озлогласнениот „Информер“ со тврдењата на неговиот аналитичар дека на Србија ѝ се закануваа „македонско“ и „украинско“ сценарио: првото за рушење на власта, а второто за поделба на земјата.
Овие наративи се производ на проруската пропаганда, кои беа пласирани и кај нас, за што пишуваше „Вистиномер“ во анализата објавена на почетокот на 2022 година. Медиумскиот аналитичар Жарко Трајановски тогаш укажа дека руската пропаганда за време на македонската политичка криза (2015-2017) ги користеше изразите „украинско сценарио“, „обоена револуција“ и „македонски Мајдан“ како составен дел на главните пропагандни пораки од една комуникациска стратегија, која се реализираше на повеќе пропагандни канали во 2015 година.
Изразот „обоени револуции“ е составен дел од официјалните комуникации на Кремљ, особено по настаните во Украина познати како „Портокалова револуција“ од 2004 година и „Евромајдан“ од 2012 година.
Оттаму, не случајно се јавуваат и актуелните наративи за наводното „македонско сценарио, за кое колумнистот на српски „Данас“ Немања Рујевиќ иронично вели дека било малку запоставено:
Едно „сценарио“ е неправедно запоставено во последните години – македонското. За оние кои помалку паметат, на крајот на 2016 година македонската опозиција конечно го победи семоќниот клептократ Никола Груевски, тој што изгради поубаво и постаро Скопје. Во Собранието тие денови имаше крв бидејќи ниту еден владетел чиј пад од власт води до затвор, не е подготвен да си замине без крв.
Тоа и такво „македонско сценарио“ – патем, нашиот оригинал беше обилно филуван со дезинформации дека е спонзорирано до Сорос Фондацијата во Македонија, е дел од еден поширок спектар на руската пропагандa раширена во регионот, како што покажува и овој пример со баучот на „македонското сценарио“ наменето за Црна Гора.
Но ако се погледнат неговите промотори, доаѓаме до геополитичката стратегија на она што се нарекува „српски свет“. Токму „рускиот човек на дворот на Вучиќ“, Александар Вулин, е нотиран како првата висококотирана политичка личност во Србија (во тој момент министер за одбрана) која ја промовира идејата за „српскиот свет“ под водство на, се разбира, Вучиќ:
Последното обвинување во бошњачките и црногорските медиуми е дека Вучиќ создава „српски свет“. Верувам и се надевам дека обвинението е точно, Вучиќ треба да го создаде српскиот свет. Белград мора да ги собере сите Срби во него и околу него, а претседателот на Србија е претседател на сите Срби, изјави Вулин во 2020 година, иако се сериозни шпекулациите дека зад таа идеја стои лично Вучиќ, што не е неверодостојно со оглед на неговите политички апетити.
Земјите од регионот зазираат од тој и таков „српски свет“ – политичка идеја од средината на 19. век, откако Србија стекнала автономија во рамките на Османлиското Царство – бидејќи претставува загроза за нивниот суверенитет, бидејќи сесрпското обединување би ги вшмукало и другите нации. Би звучело иронично да не е загрижувачко што речиси синхронизирано со обвинувањата за „македонско сценарио“ во Србија одат предупредувањата за влијанието на „српскиот свет“ во мешаните етнички средини во С. Македонија, каква што е градот Куманово, каде што неодамнешното палење на два автомобили создаде сцена за меѓусебни препукувања во албанскиот политички кампус.
Како и да е, власта во Србија и нејзините медиумски мегафони, соочени со низа афери со трагични последици, спинуваат за наводно „македонско сценарио“, градејќи го наративот кој е многу сличен на руската пропаганда: разни меѓународни фактори сакаат да ја сменат „суверенистичката“ власт за да ја распарчат и ограбат земјата.
Пишува: Стојан Синадинов