Контраспин: Местото на премиерот е во Владата, а не на улица со „случениот народ“
Одлуката на членовите на Судски совет да ја игнорираат интерпелацијата во Собрание е етички сомнителен чекор, но одговорот од премиерот дека решението е во „случување на народ“ во кое тој ќе застане во првите редови, е политички чекор во којшто има и спин и недоследност, несоодветност и носи повеќедимензионален ризик
Пишува: Теофил Блажевски
Зборувајќи во интервју за натамошни чекори, откако петте члена на Судскиот совет на кои им беше изгласана интерпелација немаат намера да поднесат оставки, премиерот Христијан Мицкоски изнесе став во кој се препознава спин и недоследност:
Спин: Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда. Замислете имате кај граѓаните помала доверба од 2 или 3%, ве разрешуваат и вие не си заминувате, водите инает. Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи
[Извор: Влада на РСМ/веб – Мицкоски/интервју – датум: 13.03.2025]
Контраспин: Првиот човек на Владата Христијан Мицкоски можеби се чувствува непријатно поради игнорантскиот однос на членовите на Судскиот совет за кои беше изгласана интерпелација во Собранието, но повикување на решение со „случување на народ“, де факто на протести пред Судскиот совет и со негово учество во првите редови, е став во кој има извртување на вистината, покрај што тоа е недоследност од страна на премиерот.
Постојат повеќе елементи за ваквата оценка. Првиот е во изречените зборови, „ќе им се случи народ“. Дури и кратката историја на распадот на поранешна Југославија и историјата на независната држава Република Македонија (денес РСМ), укажува на практиката како се случува народ, со мали и чесни исклучоци околу кои не постои согласност, па и денес се дебатира. Од „балван револуциите“ на Слободан Милошевиќ на крајот на осмата деценија на минатиот век, преку случувањата на народот на митинзи и контрамитинзи во сите држави од поранешната Југославија, јасно е дека во „случувањето на народот“ скоро секогаш пресудна улога има политичката партија што ја застапува таквата политика. Оттука, исто така јасно е, дека „случувањето на народот“ што го најавува Мицкоски нема да биде изворно случување на народот, туку добро организиран партиски протест на кој може да има и по некој непартиски ориентиран граѓанин.
Вториот елемент е недоследноста што произлегува од фактот дека Мицкоски самиот себе си се проектира на чело на тие протести. Мицкоски е премиер – претседател на Влада и неговата примарна улога е во Владата, која треба да креира и да води политики на реформи, развој, итн. во сите области, вклучувајќи го и правосудството. Наместо реформа која треба да произлезе од нови и изменети закони во правосудството, се случува толкување на реформа преку смена на поединци преку интерпелации во Собрание, каде што владејачката коалиција е сигурна во бројките. Притоа без логичен одговор на прашање што го покренаа и аналитичари во сверата, зошто токму сега смена на пет постојни членови на Советот без изменет закон за подобар избор на нови. И сега поради законите кои, како што вели Мицкоски, се такви какви што се и „ние не можеме сега друг тип на закони да цртаме или да пишуваме“ – што е, исто така, спин – општеството во целина, а не само тој, се соочува со слабо толкување на моралот на членовите на Судскиот совет и тие не поднесуваат оставки. Но, решението не е во „случување на народот“ на кое премиерот ќе биде на чело, затоа што, да повториме, премиерот е избран на избори за да ја раководи владата, а не да предводи протести. Дури и за опозицијата излегувањето на улица треба да биде последна опција во политичка борба, но недвосмислено тоа е нејзина алатка, а не на власта.
Освен ова, со вакви преседани премиер да предводи протести на народот за остварување на некаква цел во политиката, со кое право утре може да се критикува каков било друг протест на опозицијата? А излегувањето на премиер на протест на „случен народ“ пред институција од правосудството, пак, му дава некаков легитимитет и на излегување на ДУИ пред Уставен суд, како што тоа веќе се случи во врска со укинувањето на балансерот, а претстои и расправата за Законот за употреба на јазиците.
Конечно, најавата за „случување на народ“ на претседател на Влада, за да се справи со членовите на Судски совет кои немаат намера да поднесат оставка, може да биде преседан кој може да ја отвори практиката „за случување на народ“ не само за други реформи во правосудството, туку за остварување на каква било друга политичка цел. Затоа таквиот преседан, кој за разлика од самата постапка за интерпелација, овој пат и однадвор без сомнение ќе биде оценет како мешање и притисок на извршната врз правосудната власт, е недопуштен во демократско општество, а изјавата за „случување на народ“ е спин.