Контраспин: Мицкоски предзборно спинува за „правда во првите 100 дена“

Ветувањето дека „во првите сто дена од власта на ВМРО-ДПМНЕ секој што се огрешил пред законот и осрамотил пред граѓаните“ е типичен спин, кој е насочен кон граѓани на кои им се бендисуваат „цврста рака“, автократи и диктатори

 

 

Во серијата предизборни говори на политичарите, може да се издвои како пример следната реченица изговорена од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како пример за еклатантен политички спин:

Спин: Јас ви ветувам дека во првите 100 дена секој оној кој што се огрешил пред законот, осрамотил пред граѓаните без разлика дали е политички определен или неопределен на онаа или оваа политичка партија, ќе одговара. Од прв до последен! Доста беа неправди, овој народ е уморен од криминалци, од натрапници во политиката

[Извор: A1ОН – Уште три дена предизборна…, датум: 10.07.2020]

 

Контраспин: На предизборен говор пред граѓаните на една од скопските општини (09.07.2020) лидерот на ВМРО-ДПМНЕ даде изјава која е спин, бидејќи индицира дека самиот тој нуди борба против криминалот и корупцијата и против оние кои се осрамотиле пред граѓаните“ (што и тоа да значи), по принципот на „брзи судови“, преку кои за 100 дена ќе имало одговорност за таквите.

Дури и преку поширок контекст, еве нека е и симбилочно кажана, ваквата реченица не оди со партија и лидер кои се ценат како современи демократски ориентирани субјекти на политичката сцена, со програмска понуда во која заложбите за владеење на правото и правдата треба да изгледаат уверливи и спроведливи според постојните светски и европски демократски вредности.

Без оглед на партиските заложби понудени и во нивната програма за носење на нов закон за Јавно обвинителство и за формирање на посебни нови тела кои ќе го ценат етичкиот и законскиот интегритет и постапување и на судиите и на обинителите (види тука од стр. 64-72), на Мицкоски му е јасно дека генерално кажано, нема „правда за 100 дена“, зашто едноставно тоа е уставно и законски невозможно, освен во делот на прекршочните постапки.

Она што го најавува Мицкоски е возможно само во автократски и диктаторски режими, каде што, де факто, обвинителствата и судовите постојат само како продолжена рака на диктаторите и елитите околу нив.

Бидејќи РС Македонија не е таква држава и не може да биде дури и ако постои таква скриена или нескриена идеја кај политичките субјекти што се борат за освојување на власта, оваа реченица на Мицкоски може дури и да се изучува како пример за политички спин, наменет за оној дел од гласачкото тело кому му се бендисуваат управување со „цврста рака“, автократски или диктаторски режими и кои според сите анкети во таа насока, постојат во еден мал, но доволен процент за да се спинува за нивните гласови.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Back to top button
Close