Контраспин: Упорните спинови на ВМРО-ДПМНЕ за корона кризата не престануваат

Клучните параметри за оценка на справување со пандемијата говорат дека РСМ добро стои на глобално ниво. Земјата има за десет отсто поголем процент на оздравени во однос на вкупно заболени во светот, а за 0,7 отсто повисок број починати. Освен тоа, веќе месец и половина континуирано опаѓа бројот на активни случаи, од над 4 илјади, денес е над 2 илјади

Пишува: Теофил Блажевски

Изјава во форма на соопштение на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ беше лиферувано во неделата, при што може да се констатираат неколку спинови:

Спин: Филипче оди по стапките на својот ментор Заев. Позади себе министерот за зараза и смрт нема ниту еден успех зад себе. Нема ниту нов Клинички центар кој толку многу го ветуваше. Излажа дека ќе се догради и веќе започнатата Клиничка болница во Штип која во наследство им ја остави владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија поради неспособноста на Филипче стана рекордер по смртноста од Ковид-19. Поради него земјава е на врвот на најнеуспешни земји кои се справуваат со пандемијата.
Филипче преставува елементарна непогода за македонскиот здравствен систем.

Контраспин: Не по прв, не по втор, пети, десети, туку „по 100-ти“, пат најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ја извртува вистината, односно спинува за состојбата со корона кризата во земјата и со начинот на кој здравствените власти се справуваат со кризата, со акцент на министерот за здравство Венко Филипче.

Овој пат во соопштение на партијата, објавено на 06.09.2020, а како рекација на интервјуто на Филипче за Радио Слободна Европа од истиот ден, ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го „министерот за зараза и смрт“, се спинува дека зад себе „нема ниту еден успех“, дека „Македонија станала „рекордер по смртноста од Ковид 19“ и дека „поради него земјава е на врвот на најнеуспешни земји кои се справуваат со пандемијата“

Со оглед на тоа што за ваквите тврдења овој политички субјект не наведува конкретни аргументи, „Вистиномер“ ќе ги провери фактите според домашната и светската статистика.

Ако внимателно се погледнат податоците во низа од два месеца, може да се констатира дека бројката на ново заразени во однос на ново тестирани е падната константно под 10 проценти, со тоа што имаше периоди на крајот на август и почтокот на септември кога таа се движеше од 5 до 7 проценти од вкупниот број тестирани. Бројката на активни случаи, пак, е во постојано опаѓање од над две илјади луѓе за нешто повеќе од еден месец.

На крајот од јули, поточно на 24 јули 2020 г. бројката на ново заразени била 137 од 1.437 тестирања, бројката на починати, 10 лица, оздравени 131, а во тој момент активни случаи биле 4.034 лица.

Веќе на 06.08.2020, сликата оди на подобро.Од 1.543 тестирања отркиени се 113 новозаразени пациенти, починале 6 пациенти, бројката на оздравени за тие 24 часа изнесувала 259 лица, додека активни случаи биле 3.402 лица.

Точно еден месец подоцна, на 07.09.2020 г. бројките покажуваат дека процентот на новозаразени од бројот на тестирани и натаму е под 10 отсто, па од 997 тестирани откриени се 92 новозаболени лица, починале 3 лица, бројот на оздравени изнесува 86 пациенти, а вкупно активни случаи биле 2238 лица.

Ова покажува тренд, а не случајност. Бројките на новозаразени растат линеарно, но се држат на под 10 проценти од тестираните, а тие се, со мали исклучоци, масовни и се движат помеѓу 1000 и 2000 тестирани лица на ден. Но, исто така, линеарно расте и бројот на ново оздравени, кој е поголем од бројот на ново заразени, на што укажува континураното опаѓање на бројот на активни случаи. Па така, на 07. 09.2020 има 2.238 лица, наспроти 4.034 лица на 22.07.2020 година, што е помалку за околу 1.800 лица.

Ако се погледне светската статистика за истиот датум, ќе се види дека Северна Македонија е подобра во бројката на излечени, а не е многу полоша во бројката на вкупно починати, во однос на вкупно заразени. Имено, светската статистика говори дека од вкупниот број на заразени до 7 септември, околу 27, 3 милиони, починале околу 900 илјади односно 3,3 отсто, додека во земјата од над 15 илјади починале 617, односно околу или нешто над 4 отсто.

Кај нас, од вупната бројка заразени, излекувани се 81 отсто, додека на светско ниво, 71 отсто.

Се разбира дека секогаш може уште повеќе и уште подобро, но, да се тврди дека ние сме најлоши, рекордери, и.тн., а дека Филипче е „министер за зараза и смрт“, е нешто повеќе од претерување, т.е. спинување.

Имајќи ги предвид овие неколку клучни статистички параметри со сигурност може да се оцени дека констатациите на политичкиот субјект ВМРО-ДПМНЕ во изјавата/соопштение од 6.9.2020 г, се извртување на вистината, т.е. спин.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Back to top button
Close