Контраспин: За дивоградбите во Чаир Меџити спинува преку општи одговори и контранапади врз Арсовска
Вицепремиерот Изет Меџити во интервју на прашањето за дивоградбите во Чаир на кој посочува градоначалничката Данела Арсовска одговори на начин кој може да се оцени како спин:
Спин: На ниво на државата сѐ уште има над 300 илјади дивоградби. И треба доволно време ако сака да види каде се дивоградбите. Тоа е реален проблем и затоа неколку пати е донесен закон за легализација. И покрај тоа сѐ уште не е решен како проблем. Мислам дека не само со легализација туку треба да се работи и со законот за градби, да се олеснат процедурите, за да можат граѓаните да ги тераат како што треба.
[Извор: Сител/Тема на денот – Изет Меџити (од 12.50 мин.); датум – 27.05.2025]
Контраспин: Вицепремиерот и еден од лидерите на Вреди, Меџити употреби комуникациски трик околу јавно поставеното прашање за дивоградбите во Општина Чаир со замена на тезите и контранапад, избегнувајќи го конкретниот одговор, што e извртување на вистината, односно спин.
Гостувајќи на интервју во телевизија со национална концесија, на конкретно поставеното прашање дека градоначалничката Данела Арсовска „денеска излезе со информации, документи дека десеткатници -дивоградби се легализирале незаконски во Општината Чаир“, Меџити ја заврте работата во одговорот што е погоре означен како спин и рече дека станува збор за генерален проблем за кој државата пробувала неколку пати да го реши, но дека сѐ уште не е решен и дека требало и други мерки да се преземат за сѐ да било ок и граѓаните да си ги почитувале законите. Сето ова може убаво да се види од 12.50 мин. во видеото од интервјуто, но и некоја минута порано, бидејќи новинарот се обиде и со првото прашање да добие конкретен одговор (од 9.02 мин. во видеото).
Меџити на конкретно прашање дали она што го прави Арсовска (со акцијата излегување на терен и со преноси со емитување во живо преку социјалните мрежи), „навистина е лов на дивоградби“, одговори со контранапади за Арсовска. Тој прво ја нападна дека проблемот започнал кога таа запленила камион на претпријатие за чистење смет, кое склучило договор со Општина Чаир да ја извршува таа работа, бидејќи Градот не си ја вршел совесно, потоа рече дека Арсовска е нечиј туѓ инструмент. „Јас жалам дека е жртва на друг нарачател на ова“, вели Меџити за Арсовска.
Потоа ја нападна дека два-три месеци пред изборите и текнало дека постои Чаир, постои Скопје, итн. Меџити притоа оцени дека „е добро градоначалничката да отиде и во Општина Сарај па да види каква е состојбата со дивоградбите, како се легализираат за едно евро“, итн. На крај оцени дека е „циркус од нејзина страна“, немајќи што да покаже дека сработила и посебно за Општина Чаир, каде што градоначалник во втор мандат е сопартиецот на Меџити, градоначалникот Висар Ганиу.
Вицепремиерот Меџити, според вака дадените одговори го заобиколува директното прашање. Градоначалничката Арсовска прво ја најави, а потоа уште истиот ден (на 25.05.) ја започна акцијата лов на дивоградби во Чаир, емитувајќи преку социјалните мрежи во живо посети на објекти за кои таа посочува со документи дека се дивоградби. Во дел од документите покажани на 27.05. таа тврди дека станува збор за фалсификувани решенија и одобренија за градби на инвеститорите, по што за Ганиу освен што го дисквалификува како „принцеза на дивоградбите“ го нарекува и криминалец кому токму поради дивоградбите му ги палат возилата.
Можеби Меџити е во право кога вели дека Арсовска не сработела ништо за Општина Чаир и спречила изградба или доградба на инфраструктурни инвестиции. Но, исто така е можеби точно тврдењето на Арсовска дека таа спречила досега 150 дивоградби во Чаир, исто како што документите што ги покажува личат на фалсификати, а Обвинителството покрена истрага.
Затоа, Меџити на конкретното прашање од новинарот (претставник на јавноста), требаше да одговори конкретно. Но, она што го одговори Меџити, а кое го образложивме погоре, е извртување на вистината, т.е. спинување. (Вистиномер)