Контрола на кабареа, ноќни и диско клубови: 22 со лиценца, 15 со неважечка, некои воопшто немале

Во околу 50 контроли што Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ги извршил на 16 и 17 март на територијата на државата во угостителски објекти  со лиценца за кабаре, ноќен клуб, диско клуб и за диско клуб на отворен простор, утврдено е дека 22 имале лиценци, на 15 им била истечена, а за неколку немало податоци дека воопшто поседувале лиценца.

Со оглед дека овие угостителски објекти не работат деновиве поради денови на жалост, ДПИ ги обезбедил документите потребни за надзорот преку контакти со одговорните лица.

Заклучоците биле презентирани на владина седница и нив на прес-конференција попладнево ги соопшти портпаролката Марија Митева, која рече дека на цела територија на земјава се утврдени  22 вакви УО со валидни лиценци за вршење дејност, а  15 имале лиценци со истечена важност.

Од 13 објекти во Скопје, само два имале лиценци со важност за кабаре. Како што рече, осум биле истечени, а три воопшто немале лиценца.

-Во Куманово има три објекти и сите со важечка лиценца за кабаре. Штип, Виница и Делчево по еден објект регистриран како кабаре, сите со лиценца со важност. Во Струмица има четири објекти – две лиценци со важност за диско клуб, една лиценца со важност за диско клуб на отворен простор и една истечена лиценца. Во Гевгелија има еден објект со лиценца со важност за диско клуб. Битола се четири објекти – три се со важност за кабаре, една лиценца со важност за диско клуб на отворен простор. Во Прилеп имаме два објекта и двата се со истечена лиценца. Кавадарци еден објект со лиценца со важност, Неготино еден објект со истечена лиценца. Во Велес еден со важност за кабаре, Охрид четири објекти – две лиценци со важност, една лиценца за диско клуб, еден објект е без лиценца. Кичево еден објект со важност за кабаре, Гостивар имаме еден објект со истечена лиценца, во Тетово шест објекти од кои за четири нема податок, а два се со истечена лиценца, информираше Митева.

ДПИ денеска на терен ги проверувал 22-та објекта кои имале важечки лиценци за, заедно со други надлежни институции, да утврди дали тие исполнуваат минимум технички услови за да добијат лиценца и за тоа дополнително јавноста ќе биде информирана.

За оние објекти кои се со истечена важност на  лиценцата или воопшто ја немаат, ДПИ донел забрана  за вршење дејност се додека не се утврдат сите потребни документи и додека не се провери дали воопшто исполнуваат минимални технички услови.

-Во Министерството за економија се прави и проверка на лиценците дали има повторно некој случај со злоупотреба на архивското работење односно за некоја лиценца да е заведена по друга основа, рече Митева.

Таа посочи дека овие информации се за досега преземените контроли во овие денови, дека контролите ќе продолжат и нагласи дека по трагедијата во Кочани „не постои состојба за којашто како Влада нема да истражиме и да постапиме“.

-Ветивме дека ќе се избориме со ваквото незаконско постапување, така и ќе продолжиме. Редовно, јавно и транспарентно ќе објавуваме за секој преземен чекор, додаде портпаролката на Владата. 

 

Back to top button
Close