„Контролирано судство под Мицкоски ги ослободува виновниците за Кочани“, вели СДСМ

СДСМ преку соопштение обвинува дека, како што наведуваат од партијата, „контролираното судство“ под власта на Христијан Мицкоски ги ослободува од одговорност лицата кои ги сметаат за виновни за трагедијата во Кочани.

Од СДСМ посочуваат дека сопственикот на „Пулс“, познат како Газда Деко, како и речиси сите обвинети во случајот, се на слобода. Партијата додава дека родителите на загинатите порачаа оти правдата не смее да истече.

„Две и пол години ја контролираат полицијата. Две и пол години ги контролираат обвинителствата. Две и пол години ги контролираат судовите. И каков е резултатот?“, прашуваат од СДСМ.

Од партијата оценуваат дека лицата одговорни за трагедијата во Кочани, во која загинаа 63 млади лица, а 193 беа повредени, излегуваат на слобода.

„Ова е контролирано судство што ги штити своите, а жртвите и нивните семејства ги остава без одговор, без правда“, наведуваат од СДСМ.

Во реакцијата СДСМ го обвинува Мицкоски дека не ги исполнил своите ветувања, потсетувајќи на неговата изјава дека ќе се повлече од политиката доколку се докаже дека обезбедувањето во „Пулс“ има врска со ВМРО.

Од СДСМ упатуваат и низа други обвинувања кон власта, наведувајќи случаи за кои тврдат дека лицата поврзани со ВМРО-ДПМНЕ биле ослободени од одговорност или им бил вратен имот.

„Така изгледа правдата со Мицкоски“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека партијата стои со семејствата на жртвите и бара „целосна и неселективна одговорност“.

„Под оваа власт, правдата е заробена. Под оваа власт, виновниците шетаат слободно. Под оваа власт, жртвите остануваат без одговори. До кога?“, прашуваат од СДСМ објави Скопје1.мк

Back to top button
Close