Контролорите на летање нема да штрајкуваат ама ќе се жалат на забраната од судот

Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) ќе ја почитува одлуката на Граѓанскиот суд во Скопје со која се изрекува времена мерка за забрана на најавениот штрајк што требаше да се одржи во понеделник.

Синдикатот најави дека ќе ја обжали одлуката и ќе поднесе претставка против судијката што го водела предметот.

– Мора да го почитуваме решението на Судот. Ќе го ставиме штрајкот во мирување, но нема да се откажеме од нашите барања. Ќе продолжиме со други активности за да ги оствариме правата утврдени со Спогодбата што директорите на М-НАВ треба да ја почитуваат – изјави на прес-конференција претседателот на ССКЛМ, Александар Тасевски.

Граѓанскиот суд вчера го усвои предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување на привремена мерка, со образложение дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби, бидејќи не била спроведена постапката за мирно решавање на колективниот спор и дека не произлегува од конкретни барања поврзани со работен однос.

Тасевски посочи дека синдикатот не бил известен за тужбеното барање и не добил можност да ја изложи својата одбрана на рочиштето, кое, според него, било откажано без објаснување.

– Судот сам проценил дека тужбеното барање треба да се третира како времена мерка, што е спротивно на закон. Во решението нема ниту рок, ниту датум за следно рочиште. Тоа покажува дека целта е да не ни се даде можност за одбрана – рече Тасевски.

Тој истакна дека синдикатот ќе достави жалба и барање предметот да се врати на рочиште, како и претставка до Републичкиот судски совет за поведување постапка против судијката.

Според него, синдикатот има целосен легитимитет за штрајк, бидејќи постапката за помирување е спроведена и завршена уште во 2023 година со посредство на Министерството за труд и социјална политика.

Како резултат, тогаш била потпишана Спогодба на ниво на Колективен договор, чија реализација, вели, е целосно стопирана со доаѓањето на новото раководство на М-НАВ.

Back to top button
Close