Контроверзите на Зелената агенда

Светот оправдано и неповратно оди во правец на замена на фосилните горива со нови, еколошки поприфатливи. Притоа не само заради емисијата на ЦО2 и неговата улога во климатските промени, туку и заради низа други опасни материи кои се емитуваат при нивното согорување. Нештата се дојдени до таму што од успешната транзиција кон зелените енергии зависи не само квалитетот на животот туку и неговиот опстанок. Барем на голем дел од планетата. Ова е нешто околу кое се согласуваат огромен број на научници, експерти и политичари, како и преовладувачки дел од јавното мислење.
Сепак, најновата криза со цената на енергенсите, особено на гасот и електричната енергија, во фокусот на вниманието ги враќаат укажувањата кои беа присутни и порано, меѓутоа кои сега се согледуваат со сета нивна сериозност. Aктуелната енергетска криза ги потенцираа слабостите на зелената енергетска транзиција и ја покажа целата комплексност на овој процес како и неопходноста од постепеност и претпазливост. Особено претпазливост со динамиката со која се одвива овој процес, бидејки во спротивно оваа криза ќе биде забележана како прва, но секако не и последна.
Дека процесите не се водени со оптимална динамика доказ е и актуелната криза предизвикана од преурането затварање на постоечки капацитети со традиционално производство и потфрлање на обновливите извори, пред се ветроелектраните. Се добива впечаток дека потфрлила стратегијата и дека темпото на зелената агенда не е диктирано само од еколошки побуди туку е резултат и на влијанијата, лобирањата и парцијалните интереси на компаниите кои произведуваат технологија за производство на енергија од обновливи извори. Уште повеќе, поедини држави, особено помалите, како да не успеја да креираат сопствени стратегии кои ќе ги земат предвид локалните специфичности и некритички подлегнаа на општите трендови и влијанија на големите играчи.
   Преоѓањето на зелена енергија не е само техничко-технолошко, ниту само еколошко прашање туку е и геополитичко, економско, социјално и политичко. Сите овие аспекти излегоа на површина за само месец дена, со тенденција претстојната зима да се заострат до крајни граници. Се прават најразлични калкулации, но никој со сигурност не знае колку длабока ќе е енергетската криза. Постојат многу непознати, од тоа колку студена ќе биде зимата, дали и колку русите ќе ги зголемат испораките на гас, дали и кога ќе биде пуштен во употреба гасоводот Северен ток 2 и сл.
   Од аспект на технологијата за производство на електрична енергија постојат различни можности кои имаат свои предности и недостатоци и на различен начин влијаат врз околината. Се води битка помеѓу производството од фосилни горива, нуклеарна енергија и од обновливи извори. Фосилните горива полека но сигурно се напуштаат и вистинското прашање не е дали туку со каква брзина треба да се оди кон нивна замена и кога светот ќе биде во можност да ги супституира со други енергенти. Особено важно е како различни држави се однесуваат кон ова производство. Всушност најголемите производители на електрична енергија од јаглен и воедно најголеми загадувачи, како што се Кина и Индија, секако и Русија, а тука е на пример и Полска која е членка на ЕУ, немаат намера во блиска иднина да се откажат од овој најефтин енергенс.
Нуклеарното лоби стана особено активно последниов месец истакнувајки ги предностите на нуклеарната енергија, нудејки покрај традиционалните и нови помали и помалку опасни по околината реактори. Десет членки на ЕУ, предводени од Франција, се залагаат унијата да ги стави нуклеарките на листата на зелена енергија. Обновливите извори на енергија се во најповолна положба, за нив се даваат големи субвенции и се инвестираат стотици милијарди евра, меѓутоа тие ја покажуваат својата недоволност, непостојаност и повремена неупотребливост.
   Од гледна точка на заштита на околината секако дека најголеми загадувачи се фосилните горива, меѓутоа и обновловите извори се оптоварени со големи противречности. Таа обновлива енергија се чини дека и не е толку зелена колку што се сака да се прикаже. До пред некоја година постоеше голема еуфорија околу мини хидроцентралите, а сега токму еколошките друштва во многу држави бараат запирање на нивна изградба, дури и затварање на постоечките. Сличен е односот и кон градбата на браните кои во голема мера неповолно влијаат врз околината. Преодот кон користење на обновливи извори како што се сончевата и енергијата на ветерот е зависен од т.н. ретки земни метали кои ги сочинуваат 17 елементи и чија експлоатација предизвикува големо загадување на природата. Освен овие ретки метали за спроведување на амбициозната зелена агенда во наредните неколку децении е неопходно и енормно зголемување од 600 до 700 посто на други метали и минерали како што се никел, кобалт, графит, литиум и сл. Тие исто така предизвикуваат огромни загадувања поради што постои незадоволство кај локалните заедници. Последните месеци во Србија постои јако еколошко движење кое жестоко се спротивставува на експлоатацијата на литиум. Покрај тоа дури и овие технологии за производство на енергија од сонце и ветар не се целосно јаглеродно неутрални туку во целиот процес постои извесна емисија на ЦО2 која секако е многу помала во однос на фосилните горива, но е поголема во однос на нуклеарната енергија. Посебен проблем што се појавува кај производството со ветерни турбини е складирањето на истрошените перки кои се бионеразградиви и практично неуништиви поради цврстината на материјалот од кој се направени. Поради огромните димензии на перките нивното складирање станува се посериозен проблем.
Користењето на нуклеарната енергија станува голем камен на сопнување во ЕУ. Главните играчи Германија и Франција се со дијаметрално спротивставени ставови. Додека Германија се определи за нивно целосно затварање, во Франција 75 посто од електричната енергија доаѓа од нуклеарни реактори. Аргументите на заговорниците на користењето на оваа енергија се дека таа е релативно ефтина и од аспект на емисија на ЦО2 далеку најприфатлива бидејки емитува само 6 грама по киловат час, што е дупло помалку од на пример енергијата произведена од ветар. Затоа и бараат нуклеарната енергија да добие статус на зелена. Останува секако опасноста и стравот од можни нуклеарни инциденти како и проблемот со нуклеарниот отпад.
   Геополитичката димензија е уште посложена. Во светски рамки постои огромна меѓузависност и испреплетеност на интересите во областа на енергетиката и производството на елементи и технологија за воведување на зелена енергија. Доминантно најголемиот производител на споменатите ретки земјини метали без кои е невозможно да се прејде на производство на зелена енергија, на батерии и електрични автомобили, е Кина. Таа моментално произведува 90 посто од овие метали. Со самото тоа Западот е зависен и ранлив бидејки темпото и цените ги диктира Кина. И тоа во услови на крајно сложени меѓусебни односи. Од друга страна Европа е зависна од рускиот гас. Путин ја вжештува геополитичката игра нудејки им на ЕУ да им испорачува гас по многу пониска цена од моменталната пазарна, но во замена за потпишување на долгорочни договори. Доколку Европа се обврзе на долгорочна набавка на руски гас тоа во голема мера ќе ја пролонгира Зелената агенда. Сепак се чини дека најголемиот проблем си го прави ЕУ самата на себе. Бројни автори кои важат за експерти изразуваат огромна скепса во однос на лесно ветената брзина на зелена транзиција со намалување на емисиите на јаглерод за 50 посто до 2030 и нулта емисија до 2050 година. Притоа ЕУ ова си го наметнува самата на себе и секако не важи за САД, Кина, Индија, Русија и другите држави. Иако оправдано се поставува прашањето дали овие цели се воопшто технички остварливи во дадените рокови, уште поголема дилема е што и доколку се остварат. Треба да се знае дека ЕУ во вкупната емисија на јаглерод во светски рамки учествува со помалку од 10 посто. Доколку таа дојде до нулта емисија ќе престане да увезува и согорува фосилни горива што ќе се одрази на нивната цена која ќе паѓа, а останатите држави ќе трошат повеќе бидејки ќе имаат ефтини енергенти и проценка е дека вкупнио глобален ефект од емисија на ЦО2 нема воопшто да се намали. Емисијата на јаглерод ќе остане приближно иста. Секако дека во ЕУ ова го знаат и се поставува прашањето зошто го прават тоа. Одговорот лежи во желбата за  стекнување на предност во т.н. четврта индустриска револуција која ќе произведува напредни технологии, но со многу предизвици и непознати што можат да го направат овој процес невозможен во зададената временска рамка. Додека тие трошат огромни средства и вршат деиндустријализација во традиционалните сектори, нивните конкуренти ќе стекнат предност со користење на ефтина енергија. Планот им е прилично јасен, но јасно е исто така дека им погодува само на некои компании и држави лобисти, додека на други им одмага, а сосема е неизвесна и нејасна спроведливоста и последиците.
   Економските, социјалните и политичките аспекти се испреплетуваат и се во меѓусебна зависност. Се вложуваат огромни средства во фаворизирање на обновливите извори преку инвестиции, субвенции и плаќање на дополнителни даноци. Се пореметуваат традиционалните пазари на енергенси и се ствара состојба на непредвидливост и нестабилност со големи ценовни осцилации. Традиционалните индустрии за производство на електрична енергија се пред затварање, што значи и отпуштање на десетици илјади вработени. Само во Полска индустријата за производство на електрична енергија од јаглен вработува 200.000 луѓе. Државите кои забрзано одат во имплементација на зелената енергија значително ги зголемуваат трошоците со што оние кои се уште доминантно се потпираат на фосилни горива стекнуваат конкурентска предност. Најбитно е што последиците од поскапувањето на енергијата најмногу ги погаѓа сиромашните. Како поединци исто така и држави. Бизнисите стануваат неконкурентни, а населението е погодено во најосетливиот сегмент, заедно со храната која исто така поскапува, енергијата. Комбинацијата од економски и социјални проблеми секогаш води кон политички. Свежи се сеќавањата на жолтите елеци во Франција чии насилни демонстрации беа предизвикани од далеку помали турбуленции.
   Каде е во сево ова Македонија. Секако ние сме меѓу оние држави каде најмногу ќе се почувствува енергетската криза. Колку е ова чувствително социјално и политичко прашање видовме според реакциите уште летото кога беше најавено поскапување од десетина посто. Во овој момент цената на електричната енергија на светските пазари е порасната 300 и повеќе посто. Што би значело вакво сценарио кај нас не е тешко да се претпостави. Македонија мора да се преиспита колку нашата енергетска политика е компатибилна со таа на ЕУ иако оттаму секако ќе трпиме притисоци. Клучно прашање за нас е кога ќе бидеме навистина спремни да се откажеме од електричната енергија произведена од јаглен која е најголем загадувач, но во исто време и најефтина. Значително поскапување на електричната енергија би значело огромен удар врз стандардот на граѓаните и тешко би го преживеало било која политичка гарнитура.
   Во секој случај со оглед на комплексноста на оваа проблематика и долгорочноста на последиците од избраните стратегии вреди да се биде претпазлив и да се земат предвид предупредувањата на оние кои сметаат дека зелената агенда содржи премалку гаранции за конечен успех, а премногу непознананици и ризици кои можат да имаат многу озбилни и опасни последици по цели држави и нивните општества.
Љупчо Довичински

Back to top button
Close