Координативен состанок за третиот проект од „Програмата за подготвителност“ на ЗКФ
Поддршка на институциите кои се директно насочени кон развојот на човечкиот капитал од аспект на климатски промени, ќе биде фокусот на третиот проект од „Програмата за подготвителност“ на Зелениот климатски фонд (ЗКФ).
Ова беше истакнато на денешниот координативен состанок што го одржа вицепремиерката за економски прашања и национален координатор на ЗКФ, Мила Царовска со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, заменикот министер Ѓонул Бајрактар, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и претставниците од Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, како и од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
Преку видео конференциска врска беше рагледан и утврден Планот на активности за развој на проектна апликација за третиот проект од „Програмата за подготвителност“ на ЗКФ, претставен од страна GIZ.
На состанокот се дискутираше за досега реализираните активности и следните ангажмани на секоја од институциите. Беше потенцирано дека секторите здравство, образование и социјала ќе бидат појдовна основа од каде понатака би се утврдиле специфични потреби за секоја област во соработка со засегнатите институции.
ЗКФ е најголемиот глобален фонд со кој се поддржуваат земјите во развој за справување со климатските промени.
,