Координирана полициска акција на повеќе локации во Скопје и во Струмица за опојна дрога

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) презема соодветни мерки и активности на локации во Скопје и Струмица за опојна дрога.

 

Од МВР најавуваат повеќе детали по завршувањето на активностите.

 

Дел од медиумите веќе објавија дека синоќа имало полициска опсада на повеќе објекти во Струмица и Струмичко, како и во Скопје.

 

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во гостување во вестите на МРТ најави дека деновиве МВР ќе излезе со запленети десетици тони дрога за која е констатирано дека незаконски е пуштена во промет или незаконски складирана.

 

– Очекувам деновиве Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов која во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или, пак, на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани, потенцираше Мицкоски во гостување во вестите на МРТ.

Back to top button
Close