Коперник: Чад од Канада преку Атлантикот стигна до Европа
Чадот од големите пожари во канадските провинции Манитоба и Саскачеван стигна до Европа, соопшти Коперник, кој е дел од вселенската програма на Европската Унија за набљудување на Земјата и животната средина.
Службата за следење на атмосферата на Коперник (CAMS) објави дека активно ги следи емисиите од пожарите и движењето на чадот преку Атлантикот.
Во текот на мај, Канада забележа значително зголемување на пожарите во провинциите Саскачеван, Манитоба и Онтарио, што го влоши квалитетот на воздухот на локално ниво. Сателитските снимки покажуваат дека чадот прво стигнал до медитеранскиот регион на 18 и 19 мај, вклучувајќи ја Грција и источниот Медитеран, а на 1 јуни допрел до северозападна Европа.
Според прогнозите на CAMS, дополнителни облаци од чад се очекуваат во Европа во наредните денови. Иако чадот се движи на поголеми височини и не се очекува значително да влијае на квалитетот на воздухот на површината, може да предизвика магловито небо и црвеникави зајдисонца. Марк Перингтон, виш научник во CAMS, истакна дека овие пожари се вообичаени во канадските шуми од пролет до лето, но нивниот интензитет и размерот на чадот што стигна до Европа ја покажуваат сериозноста на ситуацијата во Канада.